Книгата - светилник на Горана Митровиќ промотивно во „Јавна соба“

Насловната страна на третата поетска збирка на Горана Митровиќ.

Во мултимедијалниот центар „Јавна соба“ во Скопје, овој вторник, на 28 ноември, со почеток во 20 часот, ќе биде промовирана„Далечини“, третата поетска збирка на Горана Митровиќ, што деновиве се појави како издание на „Или-или“. На поетската вечер еруптивната поезија на наодамна починатата уметница ќе ја читаат актерите Славиша Кајевски, Гораст Цветковски, Софија Насевска, Арна Шијак, Никола Ацески, Драгана Левенска и Даријан Петров, а посетителите ќе имаат можат да ја проследат и изложбата на нејзини графики.

Проклето тешко е да се пишува постмортем за поезијата на Горана Митровиќ. За последниот поетски ракопис на Горана „Далечини“, хронолошки протегајќи се некаде од февруари 2016 год. па до 2 август 2017 год., еден месец и четири дена пред нејзината прерана смрт која ни го одзеде здивот на сите кои ја познававме, неа или нејзината поезија. Лично ја сретнав Горана само еден единствен пат и во душата ми остана нејзиното русокосо главче полно сончевина кое потполно се вклопуваше во мојата претстава за неа уште во мигот кога ми напиша: Своето срце секогаш го следам, но тоа може да биде уште подобро ако ја надградувам мислата :). Далечините на Горана Митровиќ се крст изделкан од срце и мисла, совршено уметничко и човечко дело кое ги надминува и уметникот и човекот.

Вака Лидија Димковска ќе го започне своето писание насловено „Крст изделкан од срце и мисла“ посветено на „Далечини“ од Горана Митровиќ. Таа дополнува дека „во онтолошка смисла не верува во смртта на Поетот/Поетесата и дека физикусот, пак, телото е а приори смртно и за тоа е свесна и поезијата на Горана. Истакнува дека „стравот и храброста на нејзината поетска маса постојано фатени во костец изнедриле стихови од кои избива емпатија, свесност за сѐ, слобода на мислата, разобличување на смислата“. Затоа вели дека „во секоја нејзина песна боли свеста/свесноста за сопственото оддалечување од животот кога животот е и најмногу присутен во сепството на човекот.

„Да се напише: „Заминав на пат/а понесов со себе/сѐ што посакував/да ме задржи овде“ е „величествено и/ истовремено до болка тажно“.Просто зачудувачки е колку љубов има во стиховите на Горана кон сѐ и кон сите, за инает дури и кон сопствената смрт: „Ѝ велам ‘и јас те сакам тебе’,/свесна дека само љубовта е купола/љубовта е време, сила/низ која ‘таа’ не може да продре“. Токму Времето во сите негови облици е главен мотив во последните песни на Горана Митровиќ: како носечка оска на животот и смртта, како сведок на „евтините приказни“ на светот, како реминисценција и иднина („која трпелива чека на мене“), како сопствена релативизација („не мислам на снемување/- празнината е полна“), како не-постоење кому поетесата на крајот достоинствено и решително му се обраќа: „Ти не си моето време/ Ниту постоиш во мене/Зашто јас ниту сум се родила/Ниту ќе умрам“, пишува Димковска.

А, Јовица Ивановски, својот текст „Поетски стриптиз“ го започнува со прашањата и одговори: Зошто поетските книги мораат да се стават во некој жанровски калап? И зошто поетите мораат да се споредат со некои други поети? Секој од нас е единствен, уште од раѓање различен. Токму затоа, песните на Горана се неспоредливи со ништо и никого.

„Напишани во момент на длабока контемплација, на поетеса свесна за вистинските животни вредности, која правејќи поетски стриптиз ги отфрла излишностите по кои трчаат сите, се ослободува од материјалното, се соголува до гола кожа, до чистата вистина, до коскената срж на постоењето“, пишува Ивановски.

Тој дополнува дека Горана е поетеса со изграден и препознатлив стил. Со мелодија од која пее главата, со ритам на џез тапанар, со луцидност, со неселективна и потресна искреност. Истакнува дека „овојпат песните како да истрчале од неа, еруптивно, како да не можела да ги сопре емоциите кои исчудуваат со незабележани очигледности, кои нè потсетуваат на недоживеаното, а вродено“.

„Добрите песни се пишуваат сами, небаре ги диктира некој. Такви се нејзините, едноздивки напишани од прва, без шминкање, без поетски украси, без одвишни стихови. Поетската збирка на Горана е, пред сè, книга за љубовта кон животот, на човек кој стои на работ, над провалија. Без ронка патетика, напротив, проткаена со оптимизам. Попрво книга за радоста на живеењето, отколку за смртта. Книга-светилник „... исправен/ со снопот надеж/ за залутаните“, и како да ни вели: Живејте го животот со полни едра и сакајте се безрезервно!“

Во натамошната експликација за „Далечини“ тој ќе забележи дека тоа се „песни за слободата на мислата, на изборот...“, „песни за патувањата и откривањата на нови предели на пат кон некој нов предел“, „Песни полни со мирис на пролетни утра и будењето во нив“, „песни за помиреноста со извесноста“ ...и вели дека наспроти констатацијата „дека добрите четива се читаат во еден здив“, ова, напротив, „се чита дозирано, со долги паузи после неколку песни – затоа што мава, гори, гризе од искреност до болка“. Затоа за Ивановски „Далечини“ на Горана Митровиќ е „книга што ја раскопува утробата и тера на преиспитување“. Конечно, „книга што ќе го победи времето“.

Горана Митровиќ (1976-2017), дипломирала на Архитектонскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 2004 година работела во своето архитектонско студио „Метрика“ во Скопје и добитничка е на неколку награди од областа на архитектурата.

Со пишување поезија се занимавала дваесетина години, но првата збирка песни „Индиго есен“ ја објави во 2014 година во издание на „Блесок“. Во 2016, „Или-Или“ ја објави и нејзината втора збирка песни, „Клупа меѓу светови“.