Заев - Бутарис: Политичарите ќе бидат победници ако најдат решение за името

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Бутарис - Заев: Соработката ќе ги урне бариерите меѓу Македонија и Грција

Доколку соработката меѓу луѓето во Македонија и Грција е добра, тогаш може да се решат многу прашања, како што е и спорот за името. Политичарите во двете земји можат да излезат како победници ако го решат спорот, истакаа денеска премеиерот Заев и градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис.

Соработката и комуникацијата меѓу локалните власти во Македонија и Грција и прекуграничната соработка се исклучително важни за остварување на потребите на граѓаните во двете земји и на тој начин ќе се отворат можности за различни иницијативи во областа на бизнисот, туризмот, културата.

Ова се дел од пораките кои ги истакнаа премиерот на Македонија Зоран Заев и градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, по денешната средба во Владата во Скопје.

Тие истакнаа дека разговарале за отварање на каналот Вардар-Дунав, прашање кое, како што рекоа, е многу важно за двете држави, но дискутирале и за еколошки, социолошки и економски прашања.

„Пријателски и отворено разговаравме за прашања од заеднички и непосреден интерес на граѓаните на Македонија и Грција, теми и прашања кои како резултат го остваруваат она што е наша цел – зближување на граѓаните од двете земји и интензивирање на меѓусебните комуникации во повеќе области“, рече Заев.

Заев додаде дека на средбите меѓу претставници на Македонија и Грција е разговарано од изминатиот период се разгледувани можности за отворање на работни групи во кои ќе бидат опфатени општини од двете земји за интензивирање на соработката.

Градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, истакна дека соработката меѓу претставниците на локалните власти од двете земји е многу важна за идната понатамошната соработка во повеќе сфери. Тој истакна дека го покани Заев на приватна посета во Солун за новогодишните празници, но исто така дека координирано ќе соработуваат со работните групи.

„Веруваме силно во оваа соработка меѓу луѓето и веруваме дека ваквиот пристап ќе овозможи да се срушат сите граници кои досега постоеле. Верувам и ќе се залагам следната средба меѓу премиерите на Македонија и Грција да се случи во Солун и се надевам дека предлогот ќе биде прифатен“, вели Бутарис.

Во однос на спорот со името, Заев рече дека средбите меѓу претставници на Македонија и Грција со посредникот Метју Нимиц ќе бидат одржани во декември и оти нема причина тие да бидат одложени.

Тој додаде дека со Бутарис разговарале дека политичарите од двете земји имаат обврска да перспективите на граѓаните и дека политичарите можат да излезат како победници ако најдат решение за спорот за името.

„Мислам дека завршува времето кога треба да се плашиме дали ќе изгубиме пред нашите граѓани или гласачи, како политичари јас верувам дека преку решавање на овие проблеми ќе добиеме пред нашите граѓани“, рече Заев.

Бутарис истакна дека доколку соработката е добра меѓу самите луѓе во Македонија и Грција, тогаш може да се решат многу прашања, како и прашањето за спорот за името.

Тој при денешната посета на Македонија, освен со министерот за надворешни работи Никола Димитров и со премиерот Зоран Заев, се сретна и со градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и со претседателот Ѓорге Иванов.