Раководителите на дел од установите кои биле поставувани од претходната власт биле заштитувани со посебни договори во кои понекогаш биле наведувани ниски критериуми за успешност на работата, со висока основна плата, без при тоа да се бара од нив одговорност за злоупотреба на службена должност или, пак, за ненаменско трошење на државни пари.
Во менаџерските договори, по неколку опомени, на директорите им оставале временски простор од 6 месеци да си ги поправат грешките пред да бидат казнети, правила кои за другите вработени во приватниот и во јавниот сектор се многу построги. Па, дисциплинската мерка одредена со менаџерскиот договор честопати изнесува 10 проценти од директорската плата, односно 50 до 100 евра парична казна во период од еден до 6 месеци.
Од Министерството за култура велат дека при инспекциските надзори во дел од националните установи кои се во нивниот домен утврдиле незаконско трошење на буџетски пари, исплата на плати на вработени кои речиси воопшто не доаѓале на работа, недонесување на програми за работа која и по закон и според договор е основна обврска, потоа недоставување на извештаи за работа, како и склучување на штетни договори за разни хонорари.
Инспекцијата на Министерството за култура утврдила дека поранешниот директор на Охридско лето исплаќал и до 13 илјади евра хонорар за работи кои претходно самата установа си ги вршела, осум илјади евра за идејно ликовно решение, а за објавување на ТВ прилози за Охридско лето на телевизија Сител три години по ред биле исплаќани по 11 илјади евра преку агенцијата Тотал Маркетинг, која е дел од предметите на истражување на СЈО, а каде што е обвинет главниот уредник во Сител Драган Павловиќ – Латас.
„Поради повеќегодишното непостапување по правосилни и извршни судски пресуди од страна на поранешната директорка на Завод и Музеј – Охрид, сега се целосно блокирани сметките на оваа Национална установата со цел присилна наплата на високи судски пенали, со што е нанесена голема штета по Буџетот. Дел од јавните набавки на НУ „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид“ се спроведувани без претходно обезбедени финансиски средства од Буџетот или од сопствените средства на Установата“, се вели во објаснувањето од Министерството за култура.
Министерството бара од Собранието измени на законот за култура со кои ќе се избрише одредбата за склучување на ваков вид на договори и ќе се воведат построги критериуми за работа на раководните лица на националните установи.
„Главна причина за тоа е бидејќи тие договори суштински не претставувале механизми за следење на ефективноста и ефикасноста на директорите во националните установи и речиси и да не содржеле показатели на мерење на успешноста и одговорноста, со што договорите претставувале само формалност, која во суштина обезбедува големи привилегии, а мала одговорност“, велат во Министерството.
Основен начин на превенција од ваква ситуација е контролата, вели професор Темелко Ристески. Тој објаснува дека е неопходно да се зајакнат контролните механизми, инспекциските органи, контрола врз повисоките владини тела со кои се склучени тие менаџерски договори со цел да се води сметка за начинот на кој се трошат парите на граѓаните за да не завршат во приватни џебови.
„Лично мислам дека не можеме во целост да се ослободиме од тие менаџерски договори, но власта може да ги сведе на минимум. Можеби во одредени области ќе има потреба да се регулираат односите со склучување на менаџерски договор со некое лице. Но, имајќи ја предвид организацијата на власта и на управата, има кој да раководи и да менаџира, така што ретко би се јавила таква потреба да се склучува договор со одредени лица со менаџерски договори“, вели Ристески.
Тој објаснува дека се потребни и законски измени во насока на дорегулација на системот на контрола, за да можат поефикасно да ги извршуваат своите работни задачи во овој сегмент.
Менаџерските договори се дел од трговското право, но се содржат и во законите за работни односи, јавни претпријатија и национално установи, за високо образование и култура. Со такви договори може да бидат посебно заштитени членови на извршни одбори, директори, членови на управни одбори, како и раководни лица кои не потпаѓаат под закон за работни односи и колективни договори и сите наведени права овие луѓе ги остваруваат на посебен начин утврден со менаџерскиот договор.