Достапни линкови

Криминалот се адаптира на новите услови во Македонија


Во МВР бележат пад во стапката на криминалот од јуни годинава до септември, споредбено со истиот период во 2016. Од таму велат дека криминалните групи и сторители ги третираат согласно кривичните дела, а не врз основа на некакви релации со политички партии и личности. Експертите посочуваат дека криминалот, без разлика на промената на власта, проджува да си тече и се адаптира на новите услови.

Стапката на криминалот од доаѓањето на новата власт бележи пад, според податоците на МВР. Но, според упатените, криминалот и натаму си тече и само се адаптира на новите услови, а за вистинска борба потребна е долгорочна стратегија. Од МВР велат дека за периодот од јуни до септември оваа година споредено со истиот период во 2016 видливо е намалување на криминалитетот скоро во сите сегменти. Во зависност од тоа за какви кривични дела станува збор, стапката на намалување се движи од околу 6 до 9 отсто.

На прашањето дали има некаква промена во криминалните структури откако се смени власта во земјата, од МВР наведуваат дека постапуваат по сите кривични дела за кои имаат сознанија.

„МВР криминалните групи и сторители ги третира и постапува согласно кривичните дела што се направени и појдовна основа не се евентуални релации со политички партии или личности. МВР преку своите служби континуирано постапува против секој сторител на кривично дело за кој имаме сознанија“, велат од МВР.

Универзитетскиот прфесор Стефан Буџаковски вели дека со промена на власта не се менуваат криминалните структури, туку причините и условите. Според него, криминалците се прилагодуваат на новите услови и тие само наоѓаат нови начини, средства и методи во извршување на нивните активности.

„Зависи од раководните структури на органите на гонење на што ќе се насочат. Ако се насочат на повеќе на пример на дрога, криминалците ќе ги престројат нивните средствата за заштита на нивниот криминал со поголема внимателност. Инаку криминалот си тече исто како водата“, вели Буџаковски.

Тој смета дека криминал се намалува само со стратешки мерки кои ќе останат исти без разлика на промена на власта.

„Без разлика на промената на власта стратегијата во борбата со криминалот треба да си остане иста и тогаш ќе имаме намалување на криминалот. Сите раководни структури се сменети. Прво имаш концепт на луѓе кои не се подготвени да се справат со криминалот. Прво не знаат што е криминал, а не да се борат со криминалот. Затоа треба безбедносните служби во реформата да се изврши едукација, доедукација, професионализација и специјализација на овие кадри. Само со еден добар континуитет и со добра стратегија ние може да се справиме со криминалитет. Ад хок мерки никогаш не носат добри резултати“, посочува тој.

Буџаковски додава дека иако Македонија е мала територија таа се наоѓа на стратешки пат на Балканот и е клучна точка во развојот на криминалот од миграцијата па се до трговијата со дрога.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG