Пошумувањето ќе продолжи, ама не како „Денот на дрвото“

Пред една недела Владата ја укина акцијата „Ден на дрвото“ поради немање ефекти. Од Македонски шуми велат дека се потребни акции за озеленување кои ќе бидат стручни и квалитетни, но се уште нема одлука за тоа. Во меѓувреме, проблем се и илегалните сечи на дрвјата.

Укинувањето на акцијата „Ден на дрвото“ поради непланско и нестручно изведување во јавноста отвори размислувања како ќе се зазеленува Македонија и ќе се филтрира воздухот.

Од претпријатието „Македонски шуми“ кое, според посебни десетгодишни планови, има законска обврска секоја година да пошумува одредени површини во државата, велат дека се потребни и други акции за озеленување. Помошник директорот Жарко Анастасовски изјави дека во моментот се разгледуваат сите опции.

„Во координација сме со владата и се размислува на кои начини тоа да се прави квалитетно и стручно. Но, не „Ден на дрвото“, туку акција која ќе биде спроведена стручно и успешно. Сепак, се уште нема одлука“, вели Анастасовски.

Помошник директорот во Македонски шуми очекува одлука да има за еден до два месеца во координација со Владата и Шумарскиот факултет.

Проблем со кој се соочува шумскиот еко систем се илегалните сечи и пожарите од кои секое лето страда шумскиот фонд, а деновиве од УНДП укажаа дека во Скопје за огрев се троши дрва колку што има на Водно.

Анела Ставревска Панајотова од ЦНВП - организација за поврзување природни вредности и луѓе, вели дека илегалната сеча за жал е тековен проблем со години наназад, но оти системот нема соодветно решение.

„Според последните податоци од други еколошки друштва за жал не е позитивна сликата. Сè уште има големи површини кои се видливо искористени. Најчесто ова е на планините како Шар Планина. Исто е и на Караџица која е една преубава планина, огромни површини се под сеча. Треба да се смени начинот на стопанисување по одржливи принципи кои секаде се тренд“, вели Анела Ставревска Панајотова.

Екологистите предупредуваат дека свеста на луѓето во Македонија кон шумскиот фонд е на многу ниско ниво. Тие сметаат дека трендот на пошумување треба да продолжи, но оти важно е како тоа ќе се прави. Според Панајотова, фокусот треба да биде врз засилување на свеста и едукацијата.

Од Шумарскиот факултет укажуваат дека се користеле садници од пред 50 години, се саделе несоодветни садници на несоодветни места за растење и оти најголем број од садниците се саделе нестручно.

Од една добро замислена идеја луѓето еколошки да се освестат и да ја пошумат Македонија се претвори во кампања за остварување на нечии потреби, а сето тоа не го даде ефектот, вели професор Јане Ацевски од Шумарскиот факултет во Скопје.

Тој додава дека и катастарот треба да се вклучи и да одреди кои површини ќе се пошумуваат, од кои причини и со кои видови.

„Глобално замислено целиот товар да се префрли на Македонски шуми е несоодветно и затоа акцијата пропадна. Потребно е на локално ниво секоја општина да направи свој еколошки или акциски план во кој точно ќе одреди кои површини ги има, чија е сопственоста, дали може да се озеленат, со кои видови, кој ќе се грижи за нив и кои се очекуваните ефекти. Така поставена секоја акција ќе биде добро реализирана и секоја општина ќе има свој успех во пошумувањето“, вели професор Ацевски.

Во врска со укажувањата на УНДП дека се трошат многу дрва за огрев, Ацевски вели дека статистиката зборува оти дрвото за огрев сè помалку се користи за разлика од минатото и оти тоа е концентрирано во градови и места каде нема централно греење.

„Сè повеќе населението се пресели во градовите каде што се користат други начин на греење, а тоа е парно, струја. Во минатото „Македонски шуми“ сечеа и преку еден милион кубни метри за потребите на граѓаните, а сега производството е сè помало“, вели Ацевски.

Тој нагласува дека проблем е што не е направена инвентаризација за шумскиот фонд во Македонија.

„Како што немаме попис на население, така и тука не знаеме што имаме“, вели Ацевски, додавајќи:

„Знаеме има толку површина шума, но тоа е менлива работа“, вели тој.

Познавачите укажуваат дека порано постоел и фонд за пошумување во кој се издвојувале пари од буџетот. Со тие пари се пошумувале и по 10 илјади хектари дрвја.

За илустрација, во 1983 година биле пошумени скоро 10 илјади хектари, а во 2014 година, пошумени биле само околу над илјада хектари.