Буџет за финансиска и економска стабилност на земјата

Премиерот Зоран Заев оцени дека со новиот предлог буџет, парите ќе бидат насочени кон граѓаните и стопанството. Притоа тој вети повеќе пари за повисоки плати во образованието, здравството, одбраната и детската заштита.

Буџет за финансиска стабилност и одржлив развој на економијата. Вака премиерот Зоран Заев и го претстави на јавноста новиот предлог Буџет за 2018 година. Државната каса ќе тежи 3,4 милијарди евра, а ќе има буџетски дефицит од 2,7 проценти од Бруто домашниот производ.

Парите ги насочуваме кон граѓаните и стопанството, рече Заев и додаде дека со економските и финансиски политики на Владата се создаваат услови за нови работни места, повисоки плати, инвестиции во образованието, здравството и приближување до ЕУ и НАТО стандардите.

„Во 2018 година уште поизразено продолжуваме со кратење на непродуктивните трошоци и тие пари ги насочуваме за потребите на граѓаните. Кратиме 650 милиони денари од ставката стоки и услуги и тие пари ги распределуваме за редовно подмирување на обврските кон буџетските корисници. За финансирање на здравствените програми и за потребите на граѓаните“, рече Заев.

Со овој буџет се предвидува економски раст од 3,2 проценти кој, како што вели премиерот, ќе се темели врз солидна лична потрошувачка, зголемени инвестиции и зголемување на извозот. Приходната и расходната страна во предлог буџетот се во пораст, рече премиерот Заев, ветувајќи дека следната година повисоки плати ќе има во образованието, здравството и детската заштита.

„Ќе има покачување на платите од 5 проценти за вработените во јавните здравствени установи од септември 2018 година. Вкупно за здравствена заштита планирани се 28,2 милијарди денари. Планирано е покачување на платите во образованието и градинките за пет проценти. Повисоки плати во одбраната, поблиску до НАТО стандардите. Во 2018 година платата во одбраната се зголемува за 10 проценти, за сите припадници во армискиот состав“, изјави Заев.

Во буџетот не се планирани поголеми даночни промени. Буџетските приходи ќе се зголемат единствено преку зголемување на акцизата на нафта за 3 денари. Планирани се повеќе пари за тековни расходи и социјални трансфери кон граѓаните. Испланирани се средства за отварање на нови работни места во градинките, обезбедени се и пари за законско порамнување на пензиите. За следната година планирани се за 100 милиони денари повеќе средства за нови вработувања преку активните мерки и политики за вработување.

Премиерот вети финансиска помош и за домашните и странските компании. Испланирани се субвенции за земјоделство и рурален развој, повеќе средства за рамномерен регионален развој на општините со цел нивно финансиско зајакнување.

„Во 2018 година повеќе пари ќе има за капиталните инвестиции. Капиталните расходи се планирани на ниво од 24,7 милјарди денари, односно за 1,3 милјарди денари повеќе од претходната година. Интензивно ќе се работи на инвестиции во патната, железничката, комуналната и енергетската инфраструктура“, истакна Заев.

Предлог буџетот предвидува и средства за реализација на проектот за гасификација. Очекувани се задолжувања и на домашниот и на странскиот пазар, но дали ќе има еврообврзница ќе зависи од условите на пазарот и потребата за таков чекор. Заев истакна дека ако каматите се скапи, Владата ќе опстои на тенденцијата со најефтино финансирање да продолжи дефицитот во земјава, истакнувајќи дека годишно само за камати земјава плаќа 140 милиони евра.