Година ипол затвор за Грујевски, условно за другите во Тврдина 2

Горан Грујевски

Година и половина затвор доби поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски во случајот „Тврдина 2“ за уништување документација за прислушувањето. Останатите шест службенички од МВР добија условни затворски казни, пресуди Основниот суд Скопје 1.

Година и половина затвор доби поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски во случајот „Тврдина 2“ за уништување документација за прислушувањето.

Останатите шест службенички од МВР добија условни затворски казни, пресуди Основниот суд Скопје 1.

Специјалното јавно обвинителство за првообвинетиот Горан Грујевски побара максимална казна затвор за делото за кое се товари. За останатите шест обвинети кои се службенички во УБК, обвинителството побара алтернативна казна, односно да биде ценето како отежнителна околност тоа што тие не се покајале за стореното, а како олеснителна тоа што досега немале сторено друго кривично дело.

Ристоска во понеделникот кога беа презентирани завршните зборови за предметот истакна дека според прибраните докази, обвинетите го сториле кривичното дело со умисла и дека мотивот за уништувањето на документацијата бил очигледен - „да се уништат доказите за луѓето кои незаконски го спровеле прислушувањето“.

Грујевски се наоѓа во екстрадициски притвор во Солун каде што го очекува судењето во декември за користење на фалсификувана патна исправа. Од обвинителство по главната расправа порачаа дека очекуваат од судот да донесе осудителна пресуда.

„Имаме цврсти материјални и вербални докази. Сите докази се во прилог на теоријата на обвинението, така што уверени сме дека обвинетите ќе добијат осудителна пресуда“, рече обвинителката на СЈО Ленче Ристоска по главната расправа на 2 ноември.

Грујевски пред да побегне од Македонија на едно од рочиштата се изјасни за невин и ги отфрли обвиненијата против него.

Одбраната бараше судењето да биде одложено на неопределено време додека не се заврши процесот за негова екстрадиција од Грција во Македонија. Неговиот адвокат Љупчо Шврговски повикувајќи се на Законот за кривична постапка, посочи дека доколку на Грујевски му се суди во отсуство, ќе му биде повредено правото на одбрана. Обвинителите на СЈО, пак, ги отфрлија ваквите аргументи како неосновани бидејќи, според нив, судењето во отсуство на Грујевски не му го ускратува правото да бара повторување на постапката.

Грујевски и неговиот колега од УБК, Никола Бошкоски, беа уапсени на 18 октомври на аеродромот во Солун со фалсификувани бугарски пасоши. Постапката за екстрадиција на Грујевски која е започната ќе се формализира по завршувањето на солунскиот судски процес. Судењето на Грујевски и Бошковски во Солун е закажано за 1 декември.