Сеад Кочан, бизнисменот и сопственик на „Трансмет“ и „ТВ Нова“ денеска се појави во Кривичниот суд, но рочиштето за предметот „Труст“ беше одложено. Причината поради која судењето не почна е тоа што одбраната тврди дека обвинетите примиле само обвиненија, без листа на докази што ги предлага Специјалното јавно обвинителство.
Обвинителот на СЈО Гаврил Бубевски истакна дека тие до судот ги доставиле доказите во доволен број примероци, а според процедурата судот е должен да им ги предаде на одбраната.
„Доставивме 13 примероци на 81 страна и тука нашата работа заврши. Работа на Советот од Основниот суд Скопје 1 за оценка на обвинителниот акт е листите со докази да ја достави до одбраната“, рече Бубевски.
Предметот „Труст“ се однесува на тендерот што во 2011 година го распишала државната фирма „Електрани на Македонија" (ЕЛЕМ) за ископување јаловина и јаглен од рудникот Суводол во Битола. Доставувајќи фалсификувани документи за сопственост на механизација и за кадровска екипираност, три фирми, здружени во конзорциум, го добиле тендерот на ЕЛЕМ, вреден 1,06 милијарди денари или 17,2 милиони евра. Во „Труст“ се обвинети и три правни лица: „Трансмет“ од Скопје, „Силекс“ од Кратово и „Вато“ од Студеничани. Oбвинетите доставиле лажна документација во која прикажале наводна сопственост на тешка механизација за ископување, која ја немале и не ја набавиле, а таа што ја имале била со помал капацитет.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Овој случај стана интересен за јавноста, особено затоа што за бизнисменот Кочан беше изречена мерка за обезбедување присуство, откако тој даде гаранција од речиси 900 илјади евра.
Откако Обвинителството го најави случајот, Кочан замина на „службен пат“, кој траеше повеќе од два месеци. Во меѓувреме, Судот најпрво му одреди мерка притвор, па распиша потерница, а потоа реши да му бара парична гаранција.
По обелоденувањето на случајот „Труст“ во јавноста во февруари, судот најпрво го замрзна имотот на компанијата Трансмет, како и три сметки на оваа компанија. Првата одлука за притворот беше донесена во март, во отсуство на Кочан. Во април, Основното јавно обвинителство на чие чело тогаш беше Марко Зврлевски поднесе барање за проверка на законитоста за одредувањето на мерката притвор за бизнисменот Кочан кој беше во бегство повеќе од еден месец. Од друга страна пак, СЈО на 30 март поднесе барање за изземање на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски од Кривичниот совет кој ќе одлучува за ова барање поради неговата поврзаност со „бомбите“ на опозицијата.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Токму во овој предмет се вмеша и Врховниот суд па излезе со обвинување дека Специјалното јавно обвинителство не соработува со нив, односно дека не им доставиле итно информација кога ја побарале. Врховниот суд го одби и барањето за изземање на претседателот Јово Вангеловски од кривичниот совет кој требаше да одлучува по притворот на Кочан. Дополнително беше одбиена и жалбата на претходната претседателка на Врховниот суд Лидија Неделкова, која е смената од тој кривичен Совет затоа што, според пишувањата во дел од медиумите, се изјаснила дека надлежност врз предметот на Кочан има Катица Јанева, а не Марко Зврлевски.
Во мај, судот ја прифати понудената гаранција на осомничениот Кочан во вредност од речиси еден милион евра. За цело време, од СЈО тврдеа дека постојат индиции оти Кочан може да го повтори делото бидејќи за обвинителите парите и одземениот пасош не се доволна гаранција.
Подоцна на 8 ми јуни, Апелациониот суд ја уважи жалбата на Специјалното јавно обвинителство против одлуката на судот, Кочан, наместо да биде во притвор, да даде парична гаранција во висина од околу 900 илјади евра. Кривичниот совет на овој суд на седница одржана на 6 јуни решил за предметот во овој дел повторно да се одлучува. Пред две недели Основниот суд Скопје 1 го прифати обвинението за случајот „Труст“ по што судот го определи 7 ноември за датум кога треба да стартува судскиот процес.