На ФБ страницата на РСЕ, по информацијата за протестниот марш по обновеното судење и пресудите за случувањата во кумановско „Диво насеље“, вистинска буица од коментари и постови, повеќето од нив со говор на омраза и од едните и од другите, но и смирени и исчистени од етнички национализам.
Јовче Аморалес се чуди дека на маршот имало многу малку народ, па постирал: „Да, за терористи никој не излегува на вакви собири, браво за чесните Албанци кои не ја поддржаа оваа пародија“. Илир Зенку смета дека „еден месец пред Куманово некој беше платен 2 милиона евра да се случи Куманово... Не треба на војници да им се суди. Треба да им се суди на генералите и на оние што го испланираа и финансираа Куманово“. Сашко Петров смета дека „ВМРО дал наредба на УЧК... Дали некој мисли дека луѓето во Македонија се толку наивни (без разлика на нација или вероисповед)?“, па апелира до оние што коментираат да ја спуштат топката и да не разгоруваат национализам. Муарем Мустафа смета дека „на суд требаше да биде повикана цела гарнитура на Ахмети и Груевски и тогаш немаше да има протести“, а Суад Шукрија напишал: „Браво, зашто тие работи ги правеле ВМРО и ДУИ“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Гостин во неделното интервју на нашево Радио беше Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд, кому една од основните поенти му е дека „политиката треба да ги тргне рацете од судството“. Живко Чавдаров, очигледно согласувајќи се со Илиев, на двапати само ги цитира неговите искази дека „Судскиот совет е монструм, а УБК е држава во држава...“ Но, Ердоан Пеле Џафер смета: „Во Македонија е тешко да се тргне политиката од судството“.
Интервјуто на претседателот Ѓорѓе Иванов за британски Телеграф, во кое, покрај другото, изјавува дека „Неуспехот на ЕУ на Балканот го користат Русија и Кина“, предизвикало ФБ постови што ги покажуваат непочитувањето и несимпатиите на граѓаните спрема неговото политичко однесување и потези.