Во отсуство на обвинетите, Основниот суд Скопје 1 прогласи за виновни за тероризам и терористичка организација 33 од 37-темина обвинети за дводневната престрелка со полицијата во кумановско Диво Насење, во која беа убиени осуммина полицајци. Ослободителна пресуда добија четворица од обвинетите. Двегодишниот судски процес заврши со седум казни доживотен затвор, 13 осудени добија 40 години затвор по што ќе треба да бидат протерани од државата, додека останатите добија од 12 до 20 години затвор.
Во меѓувреме, додека се чекаше читањето на пресудата, надвор пред Врховниот суд, настана инцидент. Човек кој им пријде на полицајците кои беа дел од обезбедувањето со сомнителен пакет беше приведен.
Но, ни во судницата не беше мирно затоа што обвинетите го бојкотираа читањето на пресудата. На самиот почеток додека судијката ги прозиваше присутните обвинети, тие станаа и почнаа да извикуваат „Не сме терористи, ние сме УЧК, терористите го нападнаа Собранието“.
По ова судијката побара да бидат отстранети обвинетите, по што медиумите можеа да ја снимат полупразната судница, каде што само одбраната, големото полициско обезбедување, новинарите и дел од роднините го слушаа целочасовното читање на пресудата. Одбраната беше изненадена од високите казни.
„Не очекував благи казни, но ниту пак вакви драконски казни. Сепак, знаевме дека станува збор за монтиран кривичен предмет и за обвинителство, кое се уште не е реформирано. Затоа ќе бараме независна истрага, која веќе и се најавува. И, понатаму стојам на мислењето и тврдам дека целото сценарио е на тајните служби“, изјави адвокатот Насер Рауфи.
Неговиот колега Асмир Алиспахиќ смета дека требало да има уште најмалку три ослободителни пресуди.
„Навистина денеска судот изрече енормно високи, драконски казни по oднос на лицата кои ги прогласи за виновни и ние како одбрана сметаме дека во една ваква ситуација не се содржани субјективните и објективното битие на кривичните дела за кои што се обвинуваат. Но, ние се надеваме дека повисоките судови, посебено СЈО до кое одбраната поднесе барање за преземање на случајот, во понатамошните делови од постапката, посебено во второстепениот и третостепениот суд ќе докажеме дека не постои кривично дело тероризам и терористичка организација и дека ова навистина темелно треба да се истражи. Посебно ја поддржувам и идејата за меѓународна истрага“, вели Алиспахиќ.
Читањето на пресудата се одвиваше под силни безбедносни мерки, само во судницата и околу неа беа присутни над стотина припадници на Тигрите, на Единица за брзо распоредување и посебна единица за поддршка.
Во нападите во Куманово на 9 и 10 мај 2015 година загинаа осуммина припадници на безбедносните сили, а околу 40-тина беа повредени. Судскиот процес започна на 9 февруари 2016 година.