Достапни линкови

Жртвите не може да се вратат од Диво Насеље


Ќе останат маратонските судски процеси, очекување за именување на одговорните, кошмарни соништа на жителите од населбата, од соседството каде што летале куршуми, од градот.

Граѓаните на Куманово, без оглед на нивната етничка, верска или партиска припадност, пред една година, на почетокот на мај, го положија испитот на свесноста. Сфатија дека дводневните вооружени престрелки во населбата позната како Диво Насеље, се уште еден обид да се разниша нивниот сиромашки живот. Затоа една година потоа, зад мајското сценарио, чиј автор е хипотеза, кумановци со пиетет се сеќаваат на осумтемина загинати полицајци, како што во моменти на разочарување ги нарекуваат глинени гулаби.

Политичарите ние ги бираме, тоа што бираме, тоа ни доаѓа, тука е проблемот. Додека не се смени менталитетот кај нас граѓаните, без оглед на која етничка група припаѓаат, ќе биде така.
Шаип Мехмети, жител на Куманово

Ќе останат маратонските судски процеси, очекување за именување на одговорните, кошмарни соништа на жителите од населбата, од соседството каде што летале куршуми, од градот. Незаборавни се и прашањата кој и зошто ова им го прави и премолчан договор во стравот да не посегнат по соседот кој е Македонец, Албанец, Србин, Ром.

Шаип Мехмети вели дека во изминатата година ништо не е сменето во меѓусоседскиот и меѓуетничкиот живот на кумановци.

„Зашто луѓето беа свесни што беше тоа и затоа ништо не е сменето во тој дел“, вели тој.

Релативно е чувството за безбедноста во градот, смета Мехмети и додава дека нема потврда на прашањето дали тие дводневни случувања се единствени за нарушување на безбедноста. Според него, граѓаните не се безбедни и кога последните десет години немаат право на слобода на говорот. А сите би сакале да биде подобро.

За случајот Диво Насеље и за политичката криза, Мехмети вели дека граѓаните и политичарите се во каузална врска.

„Политичарите ние ги бираме, тоа што бираме, тоа ни доаѓа, тука е проблемот. Додека не се смени менталитетот кај нас граѓаните, без оглед на која етничка група припаѓаат, ќе биде така. Ние треба политичарите да ги натераме тие да доаѓаат кај нас, а не ние да трчаме по нив. Малку оптимизам гледам во овие протести. Тие ми влеваат надеж“, вели тој.

За квалитетот на меѓуетничкиот соживот во Куманово најголема пречка се политичарите, политикантите, припадниците на разни интересни групи, кои сè уште манипулираат со народот, подгревајќи омраза и страв.

Останатите неколкумина запрашани велат дека по „Диво Насеље“ во Куманово сè е исто и ништо не е исто како пред тоа.

„Ништо не е сменето. Помина една година, а граѓаните во Куманово сè уште не знаат како и зошто се случи тоа. Само кружат чаршиски муабети, а Македонците и Албанците живеат како и пред тоа. Се надеваме дека ќе остане вака, а вистината ќе ја дознаеме некогаш.“

„Меѓуетничките односи се на исто ниво како и претходните години. Мислам дека политичарите се единствените кои можат да ги разнишаат меѓуетничките односи меѓу Македонците, Албанците, Србите и останатите. Можеби повеќе имаат влијание кај помладите кои сè уште не размислуваат со сопствени глави. Во Куманово безбедноста е кревка уште од конфликтот 2001-та година. Мајските случувања лани ништо особено не сменија.“

„Мислам дека ништо не е сменето. Иста е атмосферата, не знам како размислуваат политичарите, но меѓу народот се е како и пред една година“, велат анкетираните.

Некои од запрашаните сметаат дека случајот „Диво Насеље“ е „нечија“ голема глупост, која однесе човечки животи, унесреќи семејства, остави дамка на градот во кој многу пати имало обиди да му се уништи соживот. Многу пати, пак, граѓаните, како-така, го сочувале мирот. Поголемиот дел од населението е свесен дека етничката припадност не ослободува од егзистенцијалните проблеми за кои не ретко Македонци, Албанци, Срби, Роми, Власи, Турци, расправаат заедно, седнати на маси во некое од кафулињата во градот. Обичните граѓани ги споделуваат маките, ги критикуваат политичарите, помагаат едни на други кога и како можат.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG