Апостолоска-Саздовска: Нестручни и корумпирани комисии ги бркаат уметниците надвор

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Апостолоска-Саздовска: Нестручни и корумпирани комисии ги бркаат уметниците надвор

Комисиите кои одлучуваат за проекти се нестручни, па и корумпирани и имаат несериозен пристап, па затоа уметниците повеќе функционираат надвор од Македонија, вели уметницата Пандора Апостолоска - Саздовска во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Пандора Апостолоска - Саздовска е академска сликарка, фотографка и модна дизајнерка. Родена во Тетово, таа дипломирала сликарство со реставрација и конзервација на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2004 година. Член е на Македонската модна асоцијација и на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 2009 година и зад себе има бројни уметнички проекти и организации на изложби и артистички симпозиуми работени главно преку невладините организации.

Од 2010 па во наредните три години била уметнички координатор на Симпозиумот за акварел што се одржуваше во Скопје, била учесник на бројни групни интернационални изложби и советувања, а самостојно или заедно со својот сопруг – скулпторот Сашо Саздовски, сем во земјата се претставувала во САД, Белгија, Германија, Франција...

Нејзините дела се привилегија на неколку национални музеи и приватни колекции, а Пандора Апостолоска-Саздовска добитничка е и на грст значајни меѓународни награди и признанија меѓу кои и неодамнешните добиени во Хрватска и Словенија. Бележито беше и нејзиното учество на фестивалот „Патот на свилата“ во Кина.

Апостолоска - Саздовска, колку ваквите признанија ви ги отвораат ширум портите на интернационалната ликовна сцена?

Ги отвораат, од аспект што јас аплицирам со моето CV, значи кога конкурирам надвор од Македонија, немам лични контакти со луѓето и со комисијата каде аплицирам, така што CV -то и моите дела се единствена поткрепа на она дали јас ќе влезам во конкуренција или не, што значи дека значат секако, меѓутоа не секогаш се приоритетни. Да речеме, доколку јас имам добро CV и сум наградена, а делата не го задоволуваат тој критериум, значи не влегувам, така што многу е важно континуирано да работиш, барем мене тоа ми значи. Не се случило ден да не влезам во моето студио и да не работам, и кога одговарам на некој конкурс тоа претходно е обмислено како да изгледа, се подготвувам подолг период и одам сериозно, настапувам така надвор и навикната сум и тука да работам на истиот принцип. Малку ми е чудно кога аплицирам токму на нашите конкурси колку имаат несериозен пристап во однос на апликациите, во однос и на комисијата, така што кога правам пресек меѓу она кога аплицирам надвор и тука во Македонија, има голема разлика.

Со вашиот сопруг, скулпторот Сашо Саздовски се чини дека сте поприсутни во светот отколку дома во Македонија. Зошто? Кои се причините?

Можам да зборувам лично за себе, зошто откако завршив Академија, јас бев на сликарство, рестарвација и конзервација, се обидував по мојата струка да најдам соодветна работа, пробував неколку години и секогаш добивав негативен одговор, исто така и за изложби кога аплицирав. Мојата прва самостојна изложба беше во културниот центар Точка, тој беше приватен центар, јас аплицирав и буквално самата си го финансирав проектот, бидејќи не беше поддржан од Министерството за култура. Подоцна водена и од тоа искуство, иако не беше многу, видов дека тука претежно вратите ни беа затворени, Сашо имаше само една изложба после магистерската во КИЦ, и некако се вртевме во круг. Не ми се допаѓаше таа атмосфера, бидејќи јас сум навикната на работа, и одлучив да побараме, преку интернет почнавме да пребаруваме, изгубивме доста време и ни беше и тешко, бидејќи немавме ниту CV, ниту изложби зад нас, немавме беграунд со кој ќе можеш да аплицираш и претежно бевме одбивани. Тоа беше доста тежок период, околу пет години, додека не стекнавме некое искуство и беше навистина тешко, меѓутоа сега веќе повеќе од 15 години ние функционираме надвор од Македонија и некако влеговме во таа шема. Во однос на тоа, обврските тука, бидејќи ние живееме тука, имаме семејство, значи некако успеавме да направиме компромис, кога Сашо патува јас да бидам тука или кога одиме заедно некако наоѓаме решение и не е едноставно, навистина.

Гледате ли излез од таквиот општествено-ликовен културен лавиринт?

Пред да заминам за Кина и за Словенија летово аплициравме во Националната галерија, во Чифте амам сакавме да имаме самостојна изложба и бевме одбиени. Тој не беше конкурс преку Министерство за култура што се случува во септември, туку беше преку институциите. Кураторот не предложи, во овој случај Златко Теодосиевски, беше вработен во Националната галерија, се уште, сега е во Министерството за култура, не предложи со проект и по една недела или две, точно пред да патуваме разбравме дека сме одбиени, но не добивме никаков одговор. Беше и летен период, време на одмори и некако не дојдовме во контакт. Многу е тешко и не знам зошто тие одбивања, покрај овие CV и покрај сите изложби што ги имаме, зошто се случува? Јас тоа првенствено го гледам во комисијата, во нестручноста, да не речам во корумпираноста, не знам како да се изразам, меѓутоа и вториот израз е правилен. Така што треба малку и да се поработи на тој случај. На пример да не се гледа дали тој е професор од Факултетот за ликовни уметности, зад себе да ја има не само дипломата, туку да има и изложби зад себе, еве и последниот пример што се случи со Венециско биенале, тие што беа во комисија се професори на факултетот, меѓутоа повеќе од две децении не изложуваат. Потребна е активност, потреба е да се види, па и професорот што работи, јас мислам дека најголем проблем е во комисиите, не е во Министерството за култура, бидејќи тие го објавуваат проектот, меѓутоа оној кој го одобрува е најголем виновник, така што решението треба да се гледа во таа насока.

Целото интервју со уметницата Пандора Апостолоска-Саздовска може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.