Поделби за реформи во ВМРО-ДПМНЕ

Архивска фотографија - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на митинг за локални избори 2017.

Процесот на реформирање на ВМРО-ДПМНЕ ќе трае и не се очекуваат брзи ефекти. Реформаторите иницираат промени во партијата и смена на лидерот.

Без сериозни очекувања дека ќе се наметнат како важен политички фактор, но како потребен обид за поттикнување на внатрепартиската демократија, домашните аналитичари го оценуваат дејствувањето на таканаречените реформатори на ВМРО-ДПМНЕ. Иницијативата за реформи веќе подолго време бара реформирање на партијата и демократски конгрес на кој ќе биде избран нов лидер.

Многу е важно лидерите на партиите да сфатат дека мора да ги отворат вентилите на внатрепартиска демократија, ако не сакаат да им се случуваат вакви турбуленции, вели Љупчо Ристовски, претседател на Институтот за доблесна и вредносна политика, Интегра.

„Ова е за мене позитивен процес, не знам какви резултати ќе даде, не знам која им е силата внатре во партијата, но добро е да ги анимираат пониските ешалони и тие да размислуваат во тој правец. Мислам дека поголем ефект би се постигнал ако општеството системски пристапи на целиот проблем, односно да почне процесот на промена на законската регулатива, измени на законот за политички партии и законот за финансирање на партиите, зошто во овие два закона работите се поставени да одат во прилог на лидерите и султанските партии. Исто така и законот за избори треба да биде променет и Македонија да биде една изборна единица со отворени листи“, вели Ристовски.

Политичкиот аналитичар Алајдин Демири вели дека идејата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ е стара и тлее, но дека не треба да очекуваме брзи ефекти. Демири се надева дека иницијативата ќе успее да го преземе водството во партијата, оти според него целта им е да ги тргнат лидерот Никола Груевски и првите луѓе околу него.

„Груевски, пак, од друга страна им помага ним со изборните резултати на локалните избори. Тој им помага ним да се наметнат како структура, но иако тие не се политички ѕвезди или некаква значителна елита, можат да прераснат во тоа и да ја преземат партијата. Гледајќи го начинот на кој дејствуваат мислам дека немаат друга цел освен да го преземат ВМРО-ДПМНЕ, целта не им е да прават фракција и да се однесуваат поинаку во рамките на партијата“, вели Демири.

Потребните промени подразбираат дека концептот на „јас, јас и само јас лидерство“ кое е карактеристично за македонските партии, треба да стане минато. Ристовски вели дека и досега Груевски имаше премногу шанси да отвори процес на внатрепартиска демократија и според моделот на еднаква шанса за сите да се најдат квалитетни кадри, кои нема да бидат партиски послушници.

„Груевски нема сили да му се извини на сопственото членство и на јавноста за сите злодела кои беа направени во изминатиот период. Mислам дека поголемо е значењето на процесот што го почнаа реформаторите и сите претходни иницијативи, a мудроста e заедно да се обединат и да ги сплотат силите и да вршат притисок за внатрепартиска демократија. И онака авторитетот на лидерството и на партијата во јавноста веќе паѓаат, односно го губат значењето кај граѓанството и губат огромен број на гласови“, вели Ристовски.

Демири е убеден дека целта на реформаторите е да ја исчистат партијата од лицата кои и нанеле големо зло. Односот на рамнодушност кој, според Демири, Груевски го има кон реформаторите е лажен.

„Тој се однесува кон нив како да не постојат, како ништо да не му значат. Ист му е односот и кон неговите политички ривали, СДСМ. Но, говорот на телото и лицето кажуваат дека тој е сериозно загрижен и убеден дека паѓа“, вели Демири.

Во меѓувреме, Иницијативата за реформи уверува дека партијата нема да штити криминал и корупција и оти ќе промовира нови политики кои ќе го заменат сегашниот нефункционален систем.