Надвор од оваа реалност
во некој паралелен универзум
можеби сме совршен пар.
Во некој паралелен универзум
имаме слика во рамка
над каминот во дневната.
Во овој сме само мигновна слика
во излозите крај кои минуваме.
Ова се стиховите од песната „Дај ми време“, една од многуте поместени во четвртата поетска објава на Снежана Стојчевска насловена „Треба да е лесно“. Во својата рецензија за книгата Владимир Мартиновски ќе забележи дека „најновиот поетски ракопис на Стојчевска е силно сведоштво дека таа умее непосредно и неусилено да ги „(пре)сретне“ и да ги овековечи поетски вредните мигови, како, на пример, длабоко доживеаното екстатично сознание дека „Светот е убав. Убави сме и ние во него“.
Тој пишува и тоа дека „вредноста на нејзината поезија, меѓу другото, е во тоа што во неа вешто се опеваат и се слават токму миговите за кои вреди да се живее. Та затоа, како што вели, „воопшто не нѐ изненадува тоа што и оваа најнова стихозбирка изобилува со антологиски љубовни песни, чија непоматена аура се доловува со мотото: Се прелевам / како чаша од која претекува вода сум / полна љубов. Или дека „поетската интуиција на Снежана Стојчевска ја опева трансформативната моќ на љубовта: токму кога вистински и интензивно се љуби светот станува убаво место за живеење“.
Поетесата од своја страна, пак, ќе рече дека првично кога ги создава песните не оди со некаква помисла дека сега ќе пишува „ова“ или „она“ и дека едноставно „песните си доаѓаат во најприроден, чист, исконски тек и како некој внатрешен глас кој ни се јавува“.
„Што се однесува на самиот наслов „Треба да е лесно“ тргнав од една помисла дека најубавите работи во животот доаѓаат со леснотија и ако се случат со таква леснотија дека тогаш се вистински. Тие работи што се трудиме да ги добиеме со многу мака треба да ги одминеме. Тие можеби и не се за нас. Дека правите работи за нас ќе ни дојдат со една фина мека леснотија и ќе бидат вистинските. Меѓутоа не секогаш работите се лесни во животот и токму затоа „треба да е лесно“. Иако не е така. Понекогаш патот е макотрпен и трнлив за да стигнеме до таму каде што сме дошле“, вели поетесата.
Стојчевска зад себе има три стихозбирки. Во 2012 ја објави дебитанската „Шеќер по подот“ во издание на „Или-Или“, како дел од едицијата „Русалки“ во која и самата беше уредник. Една година подоцна за своето второ дело „Под нулата“ ја доби наградата „Бели Мугри“ што ја доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ - Скопје, а во 2015 година, за „Темплум“ излезе и нејзината трета поетска книга - „Модри фантазии“.
Говорејќи за досегашниот опус, поетесата знае да каже дека првите три книги таа „ги доживува како една трилогија на болката која си доживеа свој раст, своја кулминација и свое затварање“. Една своевидна приказна за нејзиниот духовен раст.
„Поезијата ја доживувам како исповедалница. Како место кадешто јас се прочистувам и кадешто се пронаоѓам себе си. Кадешто си копам малку подлабоко и се отворам кон себе и кон другите. Оваа книга е сосем поинаква. Не во стилот бидејќи мојот е препознатлив. Тоа е тој мој специфичен поетски глас. Овде е нова атмосферата. Ново е чувството. Ова е прва моја книга која зборува за среќна љубов, за топлите семејни односи кои му даваат насока на целиот живот натаму. Не оформуваат, не дефинираат. Исто така има и еден дел во кој имам духовни, филозофски теми за пронаоѓањето на внатрешниот мир по кој копнеев во сите три претходни книги, се стремев...и еве сега конечно го достигнав. Затоа е ова за мене нова страница во мојата поезија и во мојот живот“, појаснува Стојчевска.
Таа смета дека е убаво кога веќе има еден ваков поетски ракопис како „Треба да е лесно“ песните од него да бидат промовирани пред што поширок круг на читатели и затоа однапред им се радува на промоциите во внатрешноста од земјава кои според планот на сериозен издавач како „Антолог“ би требало да се обистинат во периодот што следува.
Инаку, интересно е и тоа дека неодамна „Под нулата“ на Снежана Стојчевска беше преведена на словенечки јазик, а поетесата добила понуда во догледно време да биде публикуваната и на хрватски со што таа, како што вели, „се труди нејзиниот пишан збор да излезе и надвор од границите на нашата земја“.