Панде Манојлов, Билјана Станковска, Пунторие Муча Зиба, Нехас Сопај, Трајче Кацаров, Џабир Дерала, Ирена Павлова Де Одорико, Виолета Танчева – Златева, Оливера Доцевска, Митко Гогов, Драгана Ефтимова, Дарко Лешоски, Марина Мијаковска и Елена Пренџова се 14-те еминентни домашни творци од неколку генерации чии песни се застапени во Антологијата на современа македонска поезија „Далеку на Запад“ („Far Away To The West“) што деновиве во Тајван беше отпечатена на кинески јазик. Книгата се појави како издание на Showwe.tw, а преводот е дело на еминентниот тајвански поет д-р Куеи Шиен Ли.
Според зборовите на Доцевска, во Антологијата се застапени еминентни авторки и автори, поети и поетеси од различни генерации од Република Македонија кои активно и актуелно творат во периодот од 20 до 21 век. Дека станува збор за национално и меѓународно признаени творци преведувани на повеќе светски јазици, а кои во периодот од почетокот на ова столетие до 2016 година со својата поезија и дело или со својата личност имаат оставено посебен белег во литературата и во јавноста и се застапени во многу зборници и антологии. Од таму таа смета дека станува збор за исклучително важна објава која излегува вон стандардните шеми и книгоиздателски шаблони.
„Оваа Антологија претставува отворање на нови хоризонти, поместување и утврдување на нови линии надвор од утврденото, надвор од некоја мувла и сивило кое постојано нè обвива. Згора на тоа и вон границите на она што подразбира постојано повторување на историја и имиња во некои вакви изданија. Секоја книжевност треба да се надоградува, секоја култура да еволуира. Секоја антологија треба да биде нова, подобра, посовремена, посовршена и да претставува поместување на некои востановени граници“, вели таа.
Доцевска дополнува дека претставувањето на овие поети во далечен Тајван, во Танцуи, на тамошните читатели не само што ќе им го долови македонското творештво и реч, македонските автори, нивниот дух, еден миг од животот во земјава, туку и ќе остави впечаток за творечките искричења и градењето на мостови на пријателство за еден подолг временски период.
Инаку, Антологијата на современа македонска поезија „Далеку на Запад“ ќе биде промовирана на Меѓународниот фестивал на поезија што се одржува од 21 до 27 септември во Тамсуи, на Формоса. Случувањето е организирано од Движењето на поети на светот, а на Фестивалот се поканети да присуствуваат приредувачката на објавата Доцевска и поетесата Драгана Ефтимова.
„Сè уште не се знае дали ќе успееме да го реализираме патувањето за Тајван бидејќи средствата за пат и за престој таму се доста големи за наши услови, така што мислам дека е редно, како автор и книжевник, да ја потенцирам потребата за сите наредни генерации од размислување за формирање на некои посебни фондови кои би поддржале вакви настани на меѓународно ниво, а кои се од големо значење за македонската литература и книжевност, исто како и за Македонија како држава која треба да ги негува културните врски со светот“, вели Оливера Доцевска.
Кон ова збор-два за преведувачот – големиот Куеи Шиен Ли. Роден 1937 година, Ли е тајвански автор и поет. Поезија почнат да пишува на 16-годишна возраст, а во 1976 веќе станал член на Меѓународната академија на поети на Велика Британија. Основач е на П.Е.Н. Тајван, негов заменик-претседател и потем претседател и добитник на бројни интернационални награди како: Korea-s Distinguished Asian Poet Award (1994), The Rong-hou Taiwanese Poet Prize (1997), India-s Poets Prize (2000), Taiwan-s Lai Ho Literature Prize and Premier Culture Prize (2001), The Michael Madhusudan Poet Award (2002... и многу други.
Куеи Шиен Ли во 2001 беше номиниран за Нобеловата награда за литература од страна на Академијата на меѓународни поети на Индија, а познат е по пишување на продолжен стих во тајвански Hokkien и претставува влијателна фигура во тамошното литературно движење. Неговиот „Реквием инцидент од 28 февруари“ е поставен како музичко дело од страна на корејскиот композитор Фан Лонг Ко, а неговите песни се преведувани и објавувани во Јапонија, Канада, Нов Зеланд, Холандија, Србија, Хрватска, Романија, Индија, Русија, Грција, Шпанија, Италија и Монголија. Присутен е во антологиите на песни во многу земји од светот, чест гостин е на големите поетски фестивали и добитник на книжевната награда КАТНАК за 2016 година.