Тетовчани бараат спас од загадувањето

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Тетовчани бараат градоначалник кој ќе ги спаси од загадување

Во градот под Шара со исклучителен потенцијал за планински туризам отпадот се фрла на сите страни. На секои 150 метри пред селата има диви депонии. Меѓу поголемите проблеми во градот се и сообраќајниот метеж и инфраструктурата, но во фокусот на многу луѓе e невработеноста.

Градот под Шара со исклучителен потенцијал за планински мега туризам ги живее во сивило октомвриските денови, зашто, за жал, и натаму го има статусот на водечките места по загаден воздух, а отпадоците од депонијата до пред еден месец постојано ги задушуваа тетовчани. Во пресрет на локалните избори градската самоуправа најпосле го реши проблемот со депонијата со тоа што отпадот се носи во Дрисла и на уште една локација во Тетово, но граѓаните велат дека сликата од нивниот град што ја гледаат секој ден во изминатите неколку години е смет насекаде. Една е сликата од Тетово која ја гледаат туристите, а поинаква е сликата која граѓаните ја гледаат секој ден, велат тие.

„Најголем проблем e чистотата на градот, тоа треба да биде приоритет.“

„Еве сега пред изборите почна да ги чистат улиците, тоа се гледа. Не треба градот само еднаш во годината да биде чист, треба секој ден да биде чист.“

„Најголем проблем е каде да се стави депонијата. Јас не сакам во атарот на мојата општина, вие не сакате во атарот на вашата општина. Тоа е главниот проблем.“

„Ако тргнете на Шара сакате Дреновец, сакате Шапка, Гајре, Гермо имате пред селата депонии направено. Гермо е преубаво село, се наоѓа над Дреновец, има лешници има сè, а кога ќе стигнете таму гледате фрижидери, кеси, не знам каков отпад сè не“, велат дел од граѓаните

Веќе со години во Тетово сè е во знак на критики. Слично како со депонијата жителите имаа проблеми и со снабдувањето со вода, а дали новата филтер станица поставена од неодамна ќе биде трајно решение, ќе се види во текот на летните денови.

Овие денови кандидатите на сите политички партии се уверени дека ќе го решат трајно проблемот на градот со сметот, најавувајќи дека сега имаат проекти и за изградба на постројка за селекција на отпадот. Во нивните планови освен решенија за проблемот со загадување на воздухот, клучни одредници во програмата се и рационално управување со парите на граѓаните преку проекти кои предвидуваат многу инфраструктурни решенија, изградба на улици и тротоари и решавање на сообраќајниот метеж.

Граѓаните велат дека еден од поголемите проблеми во градот се сообраќајниот метеж и инфраструктурата, но во фокусот на многу луѓе се нискиот стандард и невработеноста.

„Најголем проблем е инфраструктурата, за никаде е, ама за нигде. Eве овој плоштад може да видите. Секаде има дупки, камењата се извадени, сешто.“

„Би препорачал булевари да се отворат и да се организира јавен превоз. Со отворање на булевари и самиот град ќе почне да дише, потоа на ред би требало да дојдат и други работи како водоводна мрежа.“

„Најпрво нема пари. Исто така гласањето треба мирно да биде, да нема некои караници. Инаку не чини работата, луѓето сите се сиромашни, пари нема, што да правиш трчај по оваа партија, трчај по онаа и на крај ништо.“

Граѓаните велат дека природните богатства на Тетово со Шар Планина значат и услови за подобар економски живот и напредок .Според нив, тие лежат во шумското богатство и во потребата од многу поголема туристичка искористеност на Шар Планина и додаваат дека токму во тој правец не е сторено ништо или не е направено како што треба.

„Ако се развие туризмот ќе биде подобро. И малку подобро да работат партиите да привлечат туристи. А не јас сум ова јас сум она. Не треба така. Да гледаат да работат. Ако има повеќе туристи ќе има и повеќе пари“

„Најмногу тоа треба да се искористи. За жал ние Шар Планина ја направивме, како да речам, ископина. Гледате што ни се случува со истекот на водите заради оштетување на шумите на Шар Планина.“

Спроти локалните избори на 15 октомври деновите на жителите на Тетово се исполнети со дебати, а полемиките се жолчни, но се забележува и дека многумина се воздржани и велат дека можеби последниот ден од кампањата ќе решат кому да му го дадат гласот.

„Не е битно повеќе, зашто кој и да дојде ќе те разочара. Колку и да има надеж во одредена личност по извесно време на крај ќе видиш дека се е блеф.“

„Ќе ги следам кампањите на сите градоначалници независно дали се од македонска или од албанска националност. Најважна е личноста, не е важна партијата.“

„За гласање ќе видиме на крај. Ќе гласаме за некој, ама ќе видиме на крај. Партија треба да биде, ама да биде како што треба, да работи за нас“, велат дел од граѓаните.