Руски „тролови“ ја разгоруваат „расната дебата“ во САД

Руските платени коментатори не заземаат страна во широката јавна дебата за полициското насилство врз црнците во САД, туку, поддржувајќи ги двете страни, се обидуваат да ја разгорат и онака вжештената атмосфера.

Руските интернет „тролови“ ги користат контроверзите околу протестите на црните играчи на американски фудбал против полициското насилство за да поттикнат поделби во САД, изјави синоќа американскиот сенатор Џејмс Ланкфорд пред Сенатскиот комитет за разузнавање.

Тој рече дека платените коментатори на социјалните мрежи, популарно наречени тролови, ги распалуваат страстите кај двете страни во и онака вжештената јавна дебата, откако некои од црните професионални играчи на американски фудбал, во знак на протест против последните случаи на полициско насилство врз црнци осомничени за криминал, клекнуваат на едно колено додека се свири американската химна, наместо како по обичај да стојат мирно.

Играчите на Бафало Билс клечат за време на интонирањето на американската химна пред натпреварот против Денвер Бронкос на 24 септември во Њујорк

Претседателот Доналд Трамп во изминатите денови ги налути демонстрантите, велејќи дека тие не ја почитуваат сопствената земја и ги повика сопствениците на фудбалските клубови да ги отпуштат или да ги суспендираат спортистите што не стојат мирно на химната.

Американските разузнавачки агенции ги откриле руските тролови и за тоа ги известиле членовите на сенатскиот комитет за разузнавање, информираат советници во Конгресот. Ланкфорд рече дека троловите не заземаат страна во дебатата, туку само се обидуваат да ги разгорат страстите и да го зголемат гневот кај луѓето од двете страни.

„Тие беа на двете страни од кавгата во изминатиот викенд и од своите „фарми за тролови“ го зголемуваат притисокот колку што можат за да го засилат шумот во Америка и да направат една голема тема да изгледа уште поголема“, рече тој на сослушувањето во сенатскиот комитет за внатрешна безбедност и владини прашања.

Сенатскиот комитет за разузнавање е еден од неколкуте конгресни панели кои ги истражуваат наводните руски напори да влијаат на ланските претседателски избори во САД. Советници во Конгресот велат дека истражителите нашле докази дека напорите за влијание продолжиле и оваа година.

Илустрација: Интернет трол

Русија негира какви било обиди за влијание врз изборите или врз јавната дебата.

Приватните истражувачи кои ги следат руските кампањи за пропаганда и дезинформации велат дека обвинувањата на Ланкфорд се веродостојни.

Интернет страница отворена од истражувачите од Алијансата за обезбедување на демократијата, која е двопартиски трансатлантски проект за борба против руските дезинформации, објави постови од Твитер со кои се промовираат двете страни од „фудбалската дебата“. Велат дека налозите кои стојат зад објавите се користат и за ширење руска пропаганда на Твитер.

Истражувачот Клинт Вотс, кој помогна во изработката на интернет страницата која ја следи руската пропаганда на социјалните мрежи, за новинската агенција Асошиејтед прес изјави дека случајот што го опишува Ланкфорд е сличен со пропагандната кампања, која, како што рече, е добро документирана, за ширењето пораки на Фејсбук за и против движењето „Црните животи се битни“. Вотс вели дека овие руски пропагандни напори се слични на „активните мерки“ од советско време, кога Москва влезе во информативна војна за да ги дестабилизира западните демократии од внатре.

„Целта е да се сее раздор во Америка“, изјави тој за Асошиејтед прес.

Во меѓувреме, сенатскиот комитет за разузнавање и сличниот комитет во Претставничкиот дом ги повикаа технолошките гиганти Гугл, Фејсбук и Твитер да сведочат за нивните искуства со руски организации кои закупуваат реклами на нивните мрежи.

Твитер веќе најави дека нивни претставници денеска ќе го посетат Конгресот како дел од истрагата за руско мешање во американските претседателски избори минатата година.

Се истражува ширењето лажни вести и пропаганда на социјалните мрежи, нивото на руска вмешаност, како и луѓето или организациите во САД кои помогнале за ширење на овие приказни.

Фејсбук и Твитер користат различни платформи, а Твитер дозволува анонимно регистрирање.

Некои американски пратеници изразија загриженост за зголемувањето на бројот на анонимни „ботови“, односно автоматизирани програми кои се наводни корисници на Твитер и за нивниот потенцијал да шират лажни вести.

Твитер веројатно ќе се соочи со прашања за ботовите и за потенцијалните пропусти во следењето на можните странски упади.

Твитер најави дека ќе ја подобри својата заштита.