САД со дипломатски мерки кон Северна Кореја, засега

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трамп: САД се целосно подготвени за воена опција во Северна Кореја

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Држави се целосно подготвени за воена опција во справувањето на нуклеарната криза со Северна Кореја. Притоа тој предупреди дека тоа ќе има ужасни последици врз таа комунистичка земја.

На прес конфренцијата во Вашингтон со шпанскиот прмиер Маријано Рахој, претседателот Трамп оцени дека таа опција не е пожелна.

„Но, ако преземеме таква опција, тоа ќе биде разорно. Можам да ви кажам дека тоа ќе биде катастрофално за Северна Кореја. Тоа се нарекува воена опција и ако мораме да ја преземеме, ќе го сториме тоа“, рече тој.

Трамп ова го изјави откако шефот на севернокорејската дипломатија оцени дека неодамнешните изјави на американскиот претседател претставуваат прогласување војна и затоа Северна Кореја има право да стрела врз американски воени авиони.

Наведувајќи дека е време сите земји да ги здружат силите за да се изолира „севернокорејската опасност“, Трамп ги обвини претходните американски претседатели поради неуспехот во судирот со Северна Кореја при што изјави:

„Јас ќе го поправам тој неред“, рече Трамп.

Дека Соединетите Држави остануваат на политичката опција во справувањето со Северна Кореја потврди и началникот на Здружениот генералштаб на американските сили Џо Данфорд.

Тој на сведочењето во сенатскиот Комитет за опужените сили на прашањето дали американските главни напори против Северна Кореја се дипломатски изјави:

„Сенаторе апсолутно. Воената димензија денес е во целосна поддршка на економската и дипломатска кампања за притисок што државниот секретар ја води во врска со Северна Кореја“, рече Данфорд.

Тој оцени дека иако односите меѓу Соединетите Држави и Северна Кореја се затегнати, „наелектризираната атмосфера“ била повеќе политичка отколку воена.

„Не видовме никаква промена во положбата на севернокорејските сили. Ние внимателно го следиме тоа. Ние јасно ги ставивме нашите сили да одговорат во случај на провокација или конфликт“, рече тој.

Тоа, според Данфорд, било за заштита на сојузниците - Јапонија и Јужна Кореја и на Американците во регионот.

Во меѓувреме, Вашингтон вчера објави воведување санкции за осум севернокорејски банки и 26 државјани на таа земја, обвините дека финансиски го помагаат развојот на нуклеарната програма на Пјонгјанг.