Министерството за надворешни работи на Северна Кореја предупреди дека доколку Вашингтон влијае за усвојување, како што се наведува, незаконска резолуција во Советот за безбедност со која се зголемуваат и онака строгите санкции, Северна Кореја ќе преземе мерки за кои „цената ќе ја платат Соединетите држави“.
„Мерките кои ќе ги преземеме ќе им нанесат на САД најголемо страдење и болка во историјата на таа земја“, се наведува во соопштението.
Советот за безбедност на Обединетите нации го прифати барањето на Соединетите држави и денеска ќе гласа за нови санкции врз Северна Кореја за нејзиното постојано непочитување на резолуциите на Советот во врска со нејзината нуклеарна и балистичка програма.
Тоа, како што се оценува, претставува натамошно загрозување на мирот во светот од страна на Пјонгјанг.
Соединетите држави најпрвин предложија целосна забрана на снабдување со широк спектар на нафтени производи и на извоз на севернокорејската текстилна индустрија.
Исто така е побарано и замрзнување на имотот на севернокорејската влада и на нејзиниот лидер Ким Џонг Ун и забрана за негово патување во странство.
Подоцна американските претставници во Обединетите нации доставија нов малку поблаг предлог од претходниот.
Во него се бара „прогресивно“ нафтено ембарго врз Северна Кореја.
Се уште не е јасно дали Кина и Русија кои се најголемите сојузници на Северна Кореја ќе ги поддржат новите мерки против Пјонгјанг.
И двете земји имаат право на вето во Советот за безбедност.
Северна Кореја на 3 септември спроведе шеста нуклеарна проба со хидрогенска бомба која е посилна од атомската.