„Црно на бело“ на Јовчевски – сликозборница која може да се чита

Илустрација на Игор Јовчевски: Чарли Чаплин

„Црно на бело“ е насловена книгата со илустрации на Игор Јовчевски што деновиве се појави како издание на „Стрип квадрат“. За објавата ќе биде забележано дека е едно од оние визуелни четива, кои го прошируваат значењето на зборот „литература“, (у)верувајќи дека и цртежите можат да бидат „читани“.

Со своите 128 страници, А4 формат, во мек повез со клатни, „Црно на бело“ на Игор Јовчевски е книга со некаде 120 цртежи - илустрации, графички едночинки, стрипски slash-ови и spred-ови, омажни портрети и (о)просторени „приповетки“ настанати во периодот од 2004 до 2017 година. Таа е всушност плод на неговата креативна, повеќегодишна стрип продукција и цртачка дејност. И наедно објава на „Стрип квадрат“ која на автентичен начин „ги осмислува и прераскажува неговите авторски стрип-ликови, но и други вонвременски фигури од популарната култура“.

За „Црно на бело“, рецензентот д-р Бошко Караџов во поговорот пишува: Книгата на Јовчевски е едно од оние визуелни четива , кои го прошируваат значењето на зборот „литература“, (у)верувајќи дека и цртежите можат да бидат „читани“. Оваа (с)ликовна литература раскажува на невообичаен афтореференцијален начин. Со други зборови, колку Јовчевски говори за насликаното, толку говори и за себе и неговите вредности стојалишта. Затоа „Црно на бело“ е сликозборница која може да се чита и како омаж, но и како еден вид суптилна иконокластика, преку која авторот не може да се отргне од чувството дека одредени вредности се над сè.

„Не секогаш имам јасна слика што на крај ќе излезе од цртежот. Знам можеби како да ја почнам илустрацијата и што да биде главниот момент во самиот цртеж. Без да го имам тоа сметам дека немам и идеја за воопшто и да цртам. И кога ќе го нацртам она главното си оставам слобода цртежот така недовршен „да преспие една вечер“ и другиот ден да ги „доѕидам“ оние други работи од околу – позадини или ликови, што и да е во композицијата за да кажува или биде сватена вака или онака. На секој конзумент да му дадам простор илустрацијата да си ја разбере на свој начин“, вели Јовчевски.

Илустраторот дополнува дека многу пати се случувало тој на почетокот од процесот да има една конкретна идеја за да потем, по разговорот со колегите или пријателите, види дека секој од нив има свое толкување што видел на илустрацијата и дека тоа понекогаш нема никаква врска со личната иницијална замисла. И тоа е, како што потенцира, добрата страна на работите затоа што луѓето понекогаш гледаат работи „што самиот не може да ги види и конечно не му биле идеја да ги нацрта“.

Говорејќи за насловот на книгата „Црно на бело“, Игор истакнува дека има две варијанти зошто се решил за него.

„Едната е онаа затоа што нели станува збор за самата техника – туш на хартија, или црно-бело на хартија, а другата е можеби некој мој, иако зборот не го сакам многу оти го злоупотребуваат политичарите, отчет за она што сум го сработил во последниве години и буквално еден документ што како автор сум потпишал во оваа нешто повеќе од една деценија. Сакам така да си правам рекапитулар за да знам до кај сум, што сум“, вели тој.

Од друга страна, Јовчевски знае да каже дека тој на овој начин можеби потсвесно „затвора една страница од сопственото творештво и тргнува во освојување на нови креативни визуелни простори“. Од таму, нималку не чуди кога истакнува дека по периодот во кој некако повеќе му се посветил на цртежот, сега доаѓа моментот кога треба да и се врати на својата голема љубов – стрипот, од кој пак и се произлезени овие илустрации.

„Имам едно сценарио од Јордан Коцевски од Охрид, етаблиран стрип сценарист кај нас, кое ме чека веќе цели три години. Со одредени дополненија и промени веројатно ќе го актуелезираме тој стрип којшто треба да биде еден цел стрип-албум од некаде 50 страници и тоа ќе биде она што ќе ме окупира наредниве две години затоа што ова се работи кои ги правам во слободно време коешто некогаш повеќе или помалку го наоѓам оти редовно сум вработен во издавачка куќа која се бави со детска илустрација“, вели тој.

Инаку, авторот сака да верува дека „Црно на бело“ отвора и некои врати во однос на промоција и популаризација на стрипот како уметност кај нас. Тој појаснува дека првата асоцијација на луѓето коишто ја виделе од корицата до содржината била – стрип и ништо друго. Затоа морал да им објаснува дека тоа не е стрип, дека не е приказна која мора да се следи или збирка од кратки приказни кои ги врзуваме, туку дека се кратки илустрации. Цртежи. Дека така книгата ќе допре и надвор од сепак тесните кругови на љубители на стрип.

„Овде мислам на оние постари вљубеници во стрипот коишто првата инекција за него ја примиле како мене некаде во 1980-те, дури и пред тоа, кога киосците во тогашна Југославија беа преплавени со разнобројни и по формат и по жанр стрип изданија. Малку ме загрижува реакцијата на помладиве љубители кои практикуваат дигитално читање на стрипови или пак тоа е мојот страв од модерното што јас не сакам да го прифатам и слепото следење на американскиот суперхеројски стрип и ништо друго. Затоа секогаш имам против тој став. Можеби за нив ќе сум „престарен“ и некој кој е заглавен во 80-те години од минатиот век, но со самото тоа што „Црно на бело“ не е стрип туку книга со илустрации, со самото тоа и ќе побуди интерес кај пошироката публика која едноставно сака цртеж“, вели тој.

Роден 1976 година Игор Јовчевски е македонски илустратор и стрип автор. Црта откако знае за себе, а професионално од 2004 година. Најнапред две години бил член на „Сториборд студио“, потем еден период и фриленсер, а од 2005 до 2012 година цртал за сите списанија во издание на „Детска радост“ со што влегува во светот на детската илустрација. Во меѓувреме објавувал стрипови и илустрации како во наши ревии (Стрип Арт, Стрип Креатор, Синдром) така и за странски издавачи (Think Tank – Србија, Strip Pressing – Србија, Магазин РЕ – Хрватска, Апокалипса – Словенија, Стрип Ген – Хрватска, Arcane Codex Nackter Stahl – Германија).

Во 2009 го објавува својот прв стрип албум „Кратки резови“, а три години подоцна и првата збирка илустрации насловена „Меч, магија, колт и сетсон“.

Понесени од позитивните размрдувања на македонската стрип сцена со својот колега Никола Темков во 2013-та ја основаат издавачката куќа „Стрип Квадрат“, специјализирана за објавување дела од македонски автори. Така во 2014 за сопствената етикета го објавува вториот авторски стрип албум „Чуварите на вечната светлина“, а на почетокот на 2015 и албумот „Ајвармен“ по сценарио на Давор Драмиќанин, а во цртачка екипа со Темков, Здравко Гиров, Тхе Мичо, Дамјан Михаилов и Ристо Манасиевски.

Од 2013 година работи во издавачката куќа „Едука Мак“ како илустратор на сите изданија од таа издавачка куќа која е специјализирана само за детска литература.

Јовчевски има освоено многу награди за својата работа како во полето на стрипот, така и во полето на детската илустрација на манифестации како: Меѓународниот салон на стрип во Белград, Балканската смотра на млади стрип автори во Лесковац, Меѓународниот салон на стрип во Велес, Саемот на книга во Скопје и други.