Тензии меѓу Барселона и Мадрид пред референдумот

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Протести во Барселона против шпанската влада

Десетици илјади луѓе излегоа на улиците на Барселона и во другите градови на Каталонија да протестираат по акцијата на шпанската полиција во која беа упасени неколкумина претставници на каталонската влада. Притоа биле запленети 10 милиони гласачки ливчиња за најавениот референдум за независност.

Демонстрациите на кои луѓето носеа црвено жолти знамиња на Каталонија и извикуваа пароли „Окупирачки сили надвор“ и „Каде е Европа?“ завршија со акција на полицијата при што беа приведени неколку лица.

Учесниците на протестот велат дека шпанската влада не смее да го забрани референдумот. Алесандра Хуан вели:

„Не можете да ја скршите волјата на народот. Тие донесоа многу закони, но ние не реагираме на овие закони“.

Санти Баиџ, пак, додава:

„Без сомнение ова е државен удар врз демократијата и врз нашата каталонска влада, избрана демократски од сите Каталонци, без сомнение“, вели тој.

Претходно, претседателот на Каталонија Карлес Пучдемон изјави дека по најновите апсења и замрзнувања на каталонските финансии, шпанската влада вовела вонредна состојба во Каталонија.

„Владата на Каталонија е цел на координирана агресија од страна на шпанската воена полиција, која има за цел да го спречи каталонскиот народ слободно и мирно да ја применува демократијата на 1 октомври. Тоа го нарушува владеењето на правото, сите уставни гаранции и повелбата на Европската унија за основните права“, вели тој.

Шпанскиот премиер Маријано Рахој ги предупреди каталонските лидери дека можат да избегнат поголеми штети ако се откажат од најавениот референдум за независност.

„Ако ви е до спокојството на повоќето Каталонци, откажете се од ескалација на радикализмот и непослушноста. Се уште имате време да избегнете поголеми штети“, рече Рахој.

„Владата ја исполнува својата обврска и морам да кажам дека ќе продолжиме да го правиме тоа до крајот. Мислам дека постапуваме пропорционално по работите што ги видовме во последните неколку дена во Каталонија“, рече Рахој.

Доколку референдумот успее, каталонските власти ветија дека ќе прогласат независност во рок од 48 часа.

Каталонија, која има своевидна самоуправа, е дел од Шпанија уште од 15 век.

Сепак, многу Каталонци имаат горчливи сеќавања на забраната на нивниот јазик за време на диктатурата на генералот Франциско Франко 1939-75. Во регионот живеат околу 7,5 милиони луѓе.