По минатогодишното јубилејно издание кое пулсираше во духот и ритамот на делтата на Мисисипи, на Скопје, од 22 до 24 септември, ќе му се случи 21 „Блуз и соул фестивал“, манифестацијата што како организатор ја потпишува Комисијата за култура и уметност и која низ времето наназад се обидува на мускули да го задржи реномето на едно од најстарите и дефинитивно респектабилни вакви (суб)културни случувања во регионот. Овојпат блузот е предвидено да се „тркала“ во Станица 26, а за програмата фокусирана на Европа и на заложбата за промоција на македонската сцена се погрижи младиот Иво Солдатовиќ (академски музичар и член на ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ), кој по искусните Оливер Белопета и Васја Ивановски е третиот во низата селектори.
Тој, длабоко свесен дека седнува на „врело столче“ кое буквално подразбира дека со малку пари ќе треба да направи умна селекција, потпирајќи се на својата енергија и желбата да отвори нови простори за оние кои допрва доаѓаат, се решил своето прво „ракување“ со пребирливата публика да го стори посегајќи по случувањата на Стариот континент и со посебен акцент на домашната понуда.
„Овојпат се фокусиравме на Европа знаејќи дека и европските музичари се доволно квалитетни и потентни за еден ваков фестивал. Мојата идеја е и да биде што поголема застапеноста на македонските музичари, та дури да им се даде шанса на оние кои досега не сме ги слушнале бидејќи сметам дека имаме врвни таленти и тие несомнено тоа го заслужуваат. Би сакал да му се вратиме и на соулот кој јас лично го преферирам, а долго го имаме и во самото име на случувањето. Лично сум поборник на старите добри вредности кои сеуште ја немаат изгубено моќта, а се* што е ново ќе биде добредојдено. Затоа им предлагам на сите што имаат идеи да ни се јават и да го помогнеме секој интересен проект. Како музичар сакам да ги подржам сите македонски музичари кои се наоѓаат во овие води“, вели Солдатовиќ.
Согласно неговите заложби, 21 „Блуз и соул фестивал“ ќе го отворат ИН Д МУД БИГ БЕНД, проектот кој во основа се потпира на делувањето на Сашо Ѓорѓевски (вокал и усна хармоника) и Никола Џими Петровски (гитара), дуото што од ноември 2009 зад себе има над 1.500 клупски настапи и соработки со бројни македонски музичари. За оваа пригода тие ќе настапат во формација на „биг бенд“ (со соработници како Оливер Јосифобски на контрабас, Гордан Спасовски на пијано, Петар Христов – тенор саксафон, Трајче Велков – труба, Горан Поповски – тапани и самиот Солдатовиќ на кларинет), за кој аранжманите ги распишал Владимир Николов.
Длабоко во ноќта, пак, на сцената се очекува да се искачи и ТРИКБЕГ, шведскиот состав кој неколкупати бил во конкуренција за еден од најдобрите на континентот во изминативе две децении. Томи Моберг, Ларс Несман и дружината се претставници на чикашкиот стил, а на дузината свои објави имаат соработки со извиканите Чак Берелхоус, Џејмс Харман, Линвуд Слим, Боб Кориторе и други и важат за најбараните од страна на американските мајстори во реализацијата на нивните европски концертни патешествија.
В сабота, на 23 септември, наново ќе им бидеме добри домаќини на старите пријатели и легендарни блуз музичари од соседна Грција – Сакис Доволис, еден од најдобрите балкански блуз гитаристи, пејачи и композитори, Елијаз Заикос од големите БЛУЗ УАЈР и Ник Дунусис од Д БЕКБОУН. Тие повеќе од три децении ја крепат идејата за блуз на овие простори, а во Скопје доаѓаат со проектот ТРИПЛ ФРИТ БЕНД којшто подразбира три засебни целини што ќе бидат крунисани со џем-сејшн каков што прилега на нивното реноме.
И, конечно, за големото финале е оставен Унгарецот Матјаш Прибојски, еден од најдобрите и највисоко квалификувани „хармоникаши“ на европската блуз сцена. Тој е добитник на „Златен албум“ за една од своите 11 објави и е „артист на Хохнер усните хармоники“. Настапувал во повеќе од 30 држави на три континенти, а сцената многупати ја делел со врвни инструменталисти од својот ранг – блуз икони како Чарли Маселвајт, Боб Марголин, Дјук Робиланд. Алек Шулц, Хауард Тејт, Гитар Шорти и други.
Неговиот последен албум „My Stories“ е објавен летото 2016 година и содржи 12 песни (од кои дури 11 авторски и само една обработка) во кои тој пее за жените, разочарувањата, загубите, патувањата, искуствата полни емоции, вистински животни приказни.
Кон ова само уште информацијата дека годинава „Блуз и соул фестивал“ доби и нов визуелен белег за кој се погрижи уметницата Катја Штркова Кочовска.