„Урбани документи: пејзаж-град-предел“ во Мала станица

Миле Корубин 1953 Пејзаж

„Урбани документи: пејзаж-град-предел“ е насловена тематската изложба што од среда, 20 септември, се одржува во Мала станица, во Националната галерија на Македонија. Оваа постановка ја чинат шеесеттина дела на афирмирани автори и е дел од годинешното одбележување на „Европските денови на културно наследство“.

На тематската изложба „Урбани документи: пејзаж-град-предел“, што од среда, 20 септември, ќе се одржува во Мала станица, е претставен избор на ликовни дела од богатата колекција на Националната галерија на Македонија на познати и афирмирани сликарски имиња, како нашите Михајло Шојлев, Димитар Аврамовски Пандилов, Лазар Личеноски, Борко Лазески, Вангел Коџоман... или, пак, творци од соседните држави меѓу кои мајстори од редот на еден Едо Муртиќ, Рихард Јакопиќ, Предраг Милосавлевиќ - Пеџа, Милан Коњовиќ, Миќа Поповиќ, Лојзе Шпацал и други.

Поголемиот дел од од делата се со веќе препознатливи мотиви, некој детал од Скопје, потем оние што се инспирирани од македонските градски предели и нивната богата и карактеристична градска архитектура бележита за Кратово, Охрид, Битола, Струга, а тука се и творбите во кои фокусот е ставен на центри како Париз, Венеција, Загреб, Белград, Дубровник, Сен Тропе...

„Овие ликовни творби не се само обид објективно да се наслика еден град, туку тие истовремено претставуваат и обид да се разбере и да се долови духот на тој град и со ликовен јазик, да се пренесат неговите специфични особености. Како такви, делата пред нас, би рекле, се обид за пишување на една јавна историја. Урбаниот пејзаж, во уметноста, колку и да се чини дека тенденциозно се доловува реалистично, всушност, задолжително носи една нишка на фантазија, личен интимизам и амалгам од личното и колективното несвесно“, вели Елена Иванова, кустос во Национална галерија на Македонија и авторка на текстот во каталогот за изложбата.

Таа дополнува дека освен сликарските карактеристики и ликовно-естетските квалитети, повеќето од делата претставуваат „документ за едно изминато време и имаат за цел да нè потсетат на некои постојни и имагинарни предели што се видоизменети со отчукувањето на часовникот“.

Инаку, проектот е планиран според приоритетите кои стимулираат организација и презентација на истражувачки проекти и изложби кои прават пресек на одредени појави и тенденции и имаат историски, проблемски, тематски, стилски или тековни толкувања на модерната и на современата светска и македонска ликовна уметност, архитектура и дизајн. Од таму значајно е да се спомене дека Изложбата вклучува и едукативни елементи преку едукативни работилници кои би овозможиле не само запознавање со овој дел од ликовното творештво, туку воедно би стимулирале и интерес кај ликовната публика, посебно кај помладата.

„Ова е пракса на Националната галерија на Македонија веќе неколку години во коишто на разни тематски изложби го вклучуваме и најмладите генерации, основците и средношколците.На овој начин им даваме можност на талентираните идни уметници да можат лично да се запознаат со делата на мајсторите во галерискиот простор и на тој начин да се обидеме да влијаеме на културното воздигнување на нашето општество“, истакнува Горанчо Ѓоргиевски, кустос-соработник во нашата национална ликовна институција.

Тематската изложба „Урбани документи: пејзаж-град-предел“ е дел од годинешното одбележување на „Европските денови на културно наследство“ кое овојпат се одвива во знакот на заедничката тема „Природата и културното наследство“. Во рамките на оваа општа тема, пак, активностите во Република Македонија, како една од триесетте земји вклучени во ваквиот чин на чествување, се насловени како „Водата – дар од природата“, а сите настани од манифестацијата е планирано да се одвиваат во периодот од 15 до 22 септември.

И малку фактографија. Одбележувањето на „Европските денови на културното наследство“ започна во септември 1991 година, на иницијатива на Советот на Европа и поддршка на Европската унија. На почетокот, активности поврзани со оваа манифестација биле реализирани само во неколку земји, но веќе една деценија подоцна дел од неа станале безмалку сите европски држави. Република Македонија се приклучи кон ова одбележување во 1996 година, а целта на манифестацијата е подигнување на свеста кај пошироката јавност за заедничкото европско наследство.

Кон ова само уште информацијата дека во рамките на „Европските денови на културното наследство“, до крајот на септември, во Националната галерија на Македонија, во Чифте амам, може да се погледнат уште две поставки - „Од традицијата“ на ликовниот уметник Решат Амети и изложбата на уметнички фотографии на Мимоза Велиу.