Со мојата сопруга и уметница Ен поминавме неколку преубави дена во Скопје, во Македонија. Пријатно сме изненадени од гостопримството на луѓето од Младински културен центар, кој е носител на овој проект за разубавување на градот, но и од сите оние обични граѓани со кои за тоа време имавме можност да комуницираме, да размениме искуства. Ова беше едно од оние искуства што долго ќе ги споменуваме.
Вака ќе го започне своето кажување познатиот француски и светски уметник Векс ван Хилик, кој во периодот од 26 до 29 август, ја разубави фасадата на зградата на булевар 11 Октомври во Скопје, изработувајќи мурал со огромни димензии од 160 метра квадратни.
Во натамошниот тек од разговорот со него, Хилик забележува дека за него била огромна чест да биде прв од серијата творци од Европа, Азија, Северна и Јужна Америка, кои ќе имаат можност да претстават дел од сопственото творештво на еден ваков начин и да се обидат, разубавувајќи го урбаниот простор, да изѕидаат едни поинакви мостови на соработка и пријателство.
„Сакав да раскажам една приказна во која ќе спротивствам два различни лика, два различни карактери...нешто што би го разбрале сите луѓе. Затоа на ѕидот се претставени лисицата и петелот. Лисицата е итрицата, животното подготвено за своја корист да направи и подмолни работи, а петелот, пак, е горделивецот кој со сите свои сили ќе се бори да си го сочува родот. Да проговорам за суровоста на таквата сурова игра во која копјата ги прекрстуваат нашата мрачна страна и невиноста, нешто за што поттикнат од една книга размислувам подолго време и кое во една прилика се обидов да го сторам но се разбира на помал формат“, вели Векс.
Роден во 1988 година, во мало селце во југозападна Франција, Хилик започнал да слика уште од најрана возраст под влијание на неговите постари браќа. Почетната инспирација ја нашол во природата околу него, за да подоцна го развие сопствениот стил („сонувачки, надреален... “) едновремено вметнувајќи и најразлични влијанија. Постојана инспирација му биле сликарите како Гистав Доре, Енгр, Караваџо, Дали, Бретон...но како и сите од неговата генерација не останал имун и благите и лепливи влијанија на поп-културата, видео-игрите, уличната уметност и тетоважите.
Својата прва изложба ја имал во 2010 година во Тулуз (каде денес живее и твори), за да потем уследат самостојни постановски и повеќе групни претставувања низ Франција, бројни европски земји и во САД. Неговите дела се привилегија на галеријата Мondo Pop во Рим и Салерно, во извикананта Gristle Tattoo во Бруклин, во Њујорк, а ги има и во престижните изложбени простори во Лос Анџелес, Филаделфија, Мелбурн...
Познавачите ќе забележат дека секоја негова слика или цртеж „изгледа како ода посветена на фантазијата, како таинствен прозорец кон неговите сништа и илузии каде секоја сцена и лик се префинета мешавина на невиност и мрачност“.
Наспроти фактографијата, уметникот говорејќи за овој чин на комуникација преку муралите истакнува дека тоа е нешто што е полезно за сите. Што го развеселува јавниот простор било каде во светот.
„Уметноста треба да му се дарува секому. Таа не секогаш им е достапна на сите. Ако трагате по нешто што би било ликовна атракција за вас ќе треба да се движите. Згора на тоа не секогаш можеби ќе имате пари да влезете во некоја позната галерија или музеј. Затоа тука е уличната уметност која што си постави за цел да им го доближи творештвото на луѓето. Притоа секој може да те праша за она што го испровоцирало, независно дали се согласува со вашето дело или не. Ете затоа јас лично милувам да ги сликам ѕидовите. На нив да ги бележам моите идеи, размисли и соништа“, смета Хидик.
Тој дополнува дека иако во Скопје бил сосема на кратко, сепак имал можност да ги види двата мурала со кои лани се закити Младински културен центар - едниот дело на групата ЗЕРО, а другиот на групата од 40-на македонски прогресивни уметници. Го поздравува таквиот чин и истакнува дека ова е убава можност на не само за уметниците од земјава туку и за оние од светот што подоцна ќе дојдат ширум да ги отворат вратите за уличната ументост. Творечки да се допрат и да разменат искуства.
Инаку, на Венс лично му е жал што ограниченото време го принудило да оствари средби само со неколкумина македонски колеги, но вели дека ќе се обиде да ги продлабочи контактите и да иницира нови соработки преку социјалните мрежи.
Конечно, по враќањето во татковината Хидик го очекуваат уште неколку вакви потфати во Тулуз и неговата околина, потем патува на југот на Франција за да им даде светлина и бои на ѕидовите во таошните гратчиња, а потем влегува во студио за да го комплетира циклусот за неговата нова самостојна класична изложба и за групните постановки со кои има намера да патува по светот. Во тие рамки, какао што вели, „би бил пресреќен кога би му се отворила можност да го претстави своето сликарство во Скопје, во Македонија, оти одовде носи само убави спомени“.
„Моето сликарство е многу поразлично од муралите. И многу поинтимно. Треба да се види. И да се разговара за она што го творам. Би сакал еден ден и вие тоа да го видите оти за творештвото не треба да постојат никакви граници и огради“, потенцира Венс ван Хидик.