Неопходни мерки за да не влезе Македонија во рецесија

Министерство за финансии на РМ

Падот на БДП во првата половина на годината, според експертите, се должи на политичката криза со која се соочи земјата, при што Македонија е на прагот на рецесија. Тие порачуваа Владата да продолжи со проектите кои се од витално значење за заживување на економските текови.

Политичката криза е директниот виновник за стагнацијата на македонската економија, особено стопирањето на реализацијата на капиталните инвестиции во земјата, сметаат упатените и предупредуваат дека рецесијата е на прагот. Во првиот квартал од годинава растот на БДП беше нула проценти, додека во вториот квартал е забележан пад од 1,8 проценти.

Економскиот аналитичар Слободан Најдовски вели дека економијата ја платила цената на одолговлекување на процесот на формирање на новата Влада. Најголемиот пад, како што може да се види, според него, е кај инвестициите врз кои најмногу влијание има токму политичката криза, како и на градежништвото што се должи на застојот на изградбата на автопатиштата и на проектот Скопје 2014. Но, како што наведува Најдовски, треба да се направи детална анализа за причините.

„Треба да се види во овој период од неколку месеци кој преостанува максимално да се направи ангажман околу ефектуирањето на оној дел капитални трансфери коишто се во буџетот, да се отплатат капитални инвестиции во државата поврзани со претпријатието за патишта, како и за другите претпријатија кои се во сопственост на државата. Сметам дека во овој период треба максимално да се стимулираат приватните домашни компании за инвестиции, особено оние што се извозно ориентирани и да се направи обид до крајот на годината да се реализира онаа проекција која е предвидена со ребаланост“, смета Најдовски.

Професорката Марија Зарезанкова Потевска порачува дека не може поради политиката, стопанството да стои во место и мора веднаш да се преземат мерки и оние проекти кои започнале, како изградбата на патишта да продолжат.

„Не значи дека сите проекти треба да се завршат, меѓутоа она што е започнато и што е од витален интерес на државата мора побрзо да се реализира. Се разбира ако треба ревизија нека се направи, но мора побрзо тоа да се активира. Не може поради политика и политички партии да стои стопанството. Факт е дека ако продолжиме со вакво темпо кое Владата го тера мислам дека сме на патот да дојдеме до рецесија така што мора да се преземат некои мерки и стимулации на стопанството“, истакнува Зарезанкова Потевска.

Бизнисмените предупредија дека Македонија е на чекор на рецесија и побараа да се подобри пристапот до финансии за домашните компании. ВМРО-ДПМНЕ обвини дека таков вртоглав пад на БДП не памети македонската економија. СДСМ реагираше дека лошите економски резултати се должат на погрешните политики на ВМРО- ДПМНЕ и политичката криза која ја создала партијата.