Достапни линкови

Крајот на политичката криза ќе ја раздвижи економијата


Министерство за финансии на Република Македонија.
Министерство за финансии на Република Македонија.

Со надминувањето на нестабилната политичка ситуација во државата ќе се надмине и опасноста од рецесија на економијата, коментираат експерти. Тие посочуваат дека македонската економија може да очекува позабрзан раст ако се зголемат расходите за капитални трошоци од буџетот.

Опасноста од рецесија беше присутна во првите два месеци од оваа година, но со формирањето на Владата очекувањата се дека голем број на стопански субјекти, кои го чекаа исходот од политиката ситуација во државата, ќе преземат одредени чекори за интензивирање на економската активност, вели економскиот аналитичар Слободан Најдовски.

Коментарите доаѓаат во услови кога во јавноста се наметнаа прашањата дали постои опасност од рецесија во Македонија, особено откако Народната банка на Република Македонија (НБРМ) деновиве соопшти дека економијата е во стагнација и оти постои ризик за проценката дека годишниот раст на БДП ќе биде 2,5 отсто. Во меѓувреме и Државниот завод за статистика (ДЗС) соопшти дека растот во првите три месеци од годината изнесува нула отсто.

„Мислам дека сме на патот да не дојдеме до прогласување на рецесија имајќи во предвид дека буџетот почна подобро да функционира, дел од економијата се раздвижи, во дел влегоа свежи пари од економските текови, како што беше најавено, со одредена сума на поврат на ДДВ на кое што стопанствениците чекаа подолг период, на парите кои преку субвенции влегуваат кај земјоделците. Очекувам заради надминување на политичката ситуација која што беше неповолна во државата, да заживее и стопанската активност“, вели Најдовски.

Во економијата поимот рецесија значи генерално забавување на економската активност во една земја, намалување на трговската и индустриската активност идентификувани во падот на Бруто домашниот производ (БДП) во два квартали.

Професорот Зоран Ивановски од Економскиот факултет на Универзитетот за туризам и менаџмент се согласува дека нема опасност од рецесија, потенцирајќи оти немањето на економски раст во првиот квартал се должи на нестабилната политичка ситуација во земјава.

„Носителите на економските политики не беа посветени кон реализацијата на проекциите за економски раст, односно не беа ставени во функција и главните капитални инвестиции од буџетот кои требаа да го носат растот во Република Македонија. Од друга страна оние кои треба да бидат главни инвеститори, односно приватниот бизнис, исто така очекуваа да го видат развојот на ситуацијата во Македонија за да бидат охрабрени и да продолжат со инвестирање“, вели Ивановски.

Најдовски додава дека по смирувањето на политичката ситуација македонската економија може да очекува позабрзан раст, особено ако се зголемат расходите за капитални трошоци од буџетот.

Македонската економија последен пат влезе во рецесија во 2012 година. Тогаш дел аналитичари велеа дека е предизвикана од кризата во еврозоната, а дел сметаа оти е резултат на неликвидноста на македонските компании.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG