Желба има, мерки нема за превентива од загадениот воздух?

Архива - Скопје во денови на високо ниво на аерозагадување.

Проблемот со аерозагадувањето мора да се решава системски. За претстојниот период кога воздухот ќе биде високо загаден, нема знаци дека надлежните прават суштински план за превентива, велат претставници на граѓански организации.

Нивото на аерозагадување во Скопје и во другите градови во земјава во претстојните месеци ќе биде високо, слично како во минатите години, бидејќи за решавање на проблемот кој потекнува од повеќе места е потребно подолго време, вели Невена Смилевска – програмски координатор за клима во граѓанската организација „Еко-свест.“

Кај и да е ќе дојде зимата

„Неколку години зборуваме дека проблемот мора да се решава системски, мора да се почне на сите фронтови истовремено: од греењето на домаќинствата коешто има значителен удел во аерозагадување, повеќе од 30 проценти во Скопје аерозагадувањето доаѓа од домаќинствата, потоа 20 отсто доаѓа од возилата што значи и самите граѓани мора да ги променат своите навики. Од друга страна е индустријата, а веќе доаѓа време и за ревизија на А-интегрираните дозволи“, вели Смилевска.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање денеска не беа достапни да дадат одговор на прашањето дали како надлежни во оваа сфера подготвуваат некаков план во превентива за намалување на загадувањето на воздухот.

Од Град Скопје велат дека во моментов немаат направено ништо вон тоа што досега го направиле. Оттаму во имејл порака наведуваат дека Општината е само сегмент кој нема многу големи надлежности, а во рамки на надлежностите спроведува мерки од Планот за подобрување на воздхот во скопскиот регион, донесен од Советот, и спроед краткорочен Акционен план.

„Конкретните мерки се 405 субвенции за надоместок на дел од трошоците за печки на пелети, 2600 субвенции за велосипеди, проектот ВелоСкопје „за да им овозможи на граѓаните повеќе простор за превоз со велосипед.“

Од Град Скопје посочуваат оти и проширувањето на булеварите и вклучувањето на електричните автомобили кои ги користат комуналните претпријатија се во делот од напорите за намалување на загадувањето.

Но, Општината пред неколку години изработи Студија за развој на сообраќајниот систем на Град Скопје. Во неа е наведено дека најмалку од патувањата на дневно ниво се направени со велосипед (1,4%), а најмногу со автомобил и јавен превоз (64%).

Во Студија се вели дека сериозни недостатоок во главниот град е што нема официјален транспортен модел за дефинирање на новите инфраструктури, ограничените информации, недостаток на институционална координација и проблеми со паркингот.

Буџетот на Град Скопје за 2017 година е со приход од седум милијарди денари, односно повеќе од 113 милиони евра.

Желба има, ама мерки нема

Смилевска вели дека, според тоа што тие го знаат, засега надлежните во превентива имаат напревено средба меѓу здружението на граѓани „За нас се работи“ од Битола и претставници на Министерството за животна средина и компанијата ЕЛЕМ, кои дискутирале за инсталирање на систем за отпепелување во „РЕК Битола“, што спред неа е многу важен аспект за решавањето на аерозагадувањето во Битола.

„Од друга страна, Владата покажа интерес за соработка со граѓанските организации на оваа тема, така што засега се е на тоа ниво. Во однос на тоа што прават локалните власти, засега не сме забележале нешто посупстанцијално и би сакала да ги поканам кандидатите за градоначалници во своите програми подетално да го обработат прашањето на аерозагадувањето. Исто така и во нивните јавни обраќања би сакала да ги поканам да се посветат значително повеќе отколку порано“, вели Смилевска.

Не заборавајте - избори се ближат

Во однос на ситуацијата во Скопје, таа додава дека освен субвенциите за греење на пелети, засега не е направено нешто посуштински за спроведување на Планот на Град Скопје од почетокот на оваа година.

Долгогодишното високо ниво на аерозагадување во земјава претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните во земјава. Загадениот воздух во Македонија според проценките на Светска банака на годишно ниво убива над 1.300 луѓе, а економијата на годишно ниво трпи штети од 250 милиони долари.

Дополнително висок процент од луѓето кои се лекуваат во амбулантите имаат заболувања на респираторниот и циркулаторниот систем, исто како и високиот процент на децата кои страдаат од белести на белите дробови и дишните патишта.