Комуналиите, огревот, подготовка на децата за училиште и дополнителните трошоци за зимница и оваа есен ги оптоваруваат семејните буџети на македонските граѓани, кои и без тоа се сè потенки. Поради ова многу граѓани септември го пречекуваат со доза на загриженост. Тие велат дека во Македонија е умешност да се протурка овој месец со оглед на ниските примања. Начин да се набави сè што е потребно за многу луѓе е одложеното плаќање на рати или подигнување кредит.
Живот на рати
„Во септември издвојувањата се големи како за внуците за на училиште така и за зимници. Нема, не се може, така што и не се размислува за зимница. Заглавеноста е толку многу голема, највеќе за комунални трошоци. Не може да стигнеме, а камоли да размислуваме за нешто друго. Се е на рати. Животот стана на рати. Да не се тие рати, не може да опстанеме. Банките профитираат, а ние заглавуваме во долгови.“
„Навикнати сме, се снаоѓаме, со кредити, со минуси работиме. Некаде имаме околу 16 илјади минусно салдо на платежната картичка. Што да правиме. Еден месец влегуваш, другиот месец не можеш да излезеш. “
„Народот живее на кредит. Да речат банките нема кредити, вратете ги парите, народот ќе остане беа пари. А банките читам во печатот ја зголемиле добивката за 14,7 отсто во споредба со лани“, велат анкетираните граѓани.
Огревот дополнителен трошок
Дополнителни трошоци имаат и семејствата кои се греат на дрва. Поголем дел од семејствата уште во текот на летото обезбедуваат дрва за огрев, зошто тогаш се поевтини. Моментално цената на дрвата е иста со минатогодишната, но луѓето очекуваат таа да се зголеми во наредните денови.
„Дрвата се 3.600 денари кубик. Во август купивме. Повисоки цена има за дрвата во октомври и тогаш достигнува и 4.000 илјади денари, така беше лани“, вели анкетиран граѓанин.
За еден ученик и до 100 евра
На големо се започната и подготовките за училиште. Во просек семејство треба да издвои до шест илјади денари за ученик.
„Огромни се трошоците. Еве сега гледав патики за внукот, ранец, патики училиштен прибор, над 100 евра, а две внучиња имам. Баба и дедо, мама и тато, така се снаоѓаме“, вели анкетиран граѓанин.
Без зимница не се може
Сега почнува и подготовката за зимница. Луѓето велат дека и покрај трошокот вреди да се потроши за ајвар и лутеница. За други тоа е вонреден трошок за буџетот што не може да си го дозволат.
„За ајвар и лутеница ни требаат најмалку околу четири илјади денари. Трошок е за семејниот буџет многу. Платите се многу ниски и пензиите, но не се откажуваме, мора да правиме.“
„Од што се нема пари, зимница не сум направила 10 години. Кога ќе ми дојде мерак купувам тегла ајвар. За да направиш зимница треба да издвоиш 100 евра. Одеднаш да дадам пари за да направам зимница немам.“
„Зимница малку планираме да правиме според условите. Тие што прават повеќе зимница ќе им требаат пет илјади денари. Јас малку правам за две илјади според буџетот,“ велат анкетираните граѓани.
Она што најмногу има влијание врз семејниот буџет се трошоците за храна, зашто половина од примањата одата на таа ставка.
„Споредено со Европа во Македонија се троши на основни човекови потреби. Тоа се храна и пијалаци, облека и понатаму се оние трошоци за одржување на домаќинството во кои спаѓа и електрична енергија. Ако ги собереме сите заедно некаде околу 70 проценти се трошат за основни потреби. Односно за здравствени услуги, за рекреации итн., трошиме многу малку што ја покажува повисоката класа на квалитетот на живот што ги имаат западните економии“, вели професор Борче Треновски од Економскиот факултет во Скопје.
Во меѓувреме и на пазарите цените се поскапени. Единствено индивидуалните земјоделци кои немаат изложени производи го чуваат стандардот на граѓаните. Кај нив цената на овошјето и зеленчукот се како лани.
„Не е ништо поевтино. На пазар од 40 до 50 денари се продаваат пиперки ајварки. Лани беа 35, а имаше и за 25 денари. Секојдневно се менуваат цените. Превисоки се. Купувам пиперки од земјоделци индивидуалци што си произведуваат. Поевтини се, 30 денари се.“
„За тој што нема секаде е скапо. А тој што има никаде не е скапо ни во маркетите ни на пазарите, секаде е убаво“, велат граѓаните.