Достапни линкови

Домашната зимница е традиција


Пиперки за ајвар.
Пиперки за ајвар.

Кумановци не се откажуваат од традицијата да подготвуваат зимница. Велат домашната е повкусна и поевтина од купечката. А правењето зимница е можност и да се видат со блиските и да се дружат.

Кумановските семејства ја продолжуваат традицијата и оваа сезона да не се откажуваат од домашно приготвување зимница. Некои од објективни причини го зголемуваат количеството, а некои пак го намалуваат, но се чини од секоја куќа или двор ќе замириса на ајвар, пинџур, лутеница. Зимница не подготвуваат оние кои за тоа немаат време, или пак немаат соодветни услови. Тие, за да си ја задоволат желбата со зимница се снабдуваат по маркетите, иако признаваат дека етикетите дека е домашно не се доволна потврда за вкусот.

Нискиот животен стандард на голем дел од граѓаните им даде идеја освен цвеќе во дворовите да произведуваат и градинарски производи. Велат дека нема ништо повкусно и поздраво од она што ќе се набере од сопствениот двор. Тие што немаат дворови со поквалитетни пиперки, патлиџани и останати производи се снабдуваат од зелените пазари. Некогаш им се скапи, некогаш не многу, но како што велат, зимница се подготвува еднаш во годината, а и традицијата не се напушта така лесно.

„Подготвувам секоја година. Имам мое производство. Готова купена и домашна зимница никогаш не можат да бидат исти. Заради вкусот, заради традицијата, децата секогаш прашуваат кога ќе се прави, а и тоа е македонска традиција. Не е тешко.“

РСЕ: Скапи ли се градинарските производи?

„И скапо и не. Ајвар најчесто правиме. Повкусно е домашно, а готово е поскапо кога го купуваш. Поевтино е кога го подготвуваш, а потоа и поисплатливо станува.“

„Подготвуваме ајвар, пинџур, лутеница. Секоја година го зголемуваме количеството, имаме четири деца. Повкусно е домашно, а мислам и дека е поевтино од готовото“, велат анкетираните граѓани.

Во ерата на динамичниот живот кога луѓето се помалку имаат време за дружење, дури и членовите на едно семејство едни со други се „разминуваат“, подготвување зимница е можеби еден од ретките мигови кога се навраќаат на традицијата. Се собираат покрај огинот, се организира работата, а со повеќе раце и прераскажувања на некое минато време се негуваат не само старите рецепти, туку и оживуваат сеќавања на луѓе, нивните најблиски, од кои научиле како се подготвува она што во студените зимски денови ќе биде деликатес.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG