Достапни линкови

Во Преспа сè потешко се живее од јаболката


Зимоска ги фати мраз, а летоска град. Јаболкото во Преспа е уништено, откупот е непостојан, а цените ниски, се жалат овоштарите.

Сè потешко се живее од производство на јаболка во Преспа. Овоштарите последниве години битка бијат со временските непогоди и со ниските откупни цени. Не паметат полоша година од оваа зашто по пролетните мразови во април кои уништија 90 проценти од овошните насади, јаболката летово ги фати град со големина на орев и го сотре родот кај останатите 10 проценти од јаболкниците.

Овоштарите Менка Андоновска и Крсте Таневски од преспанското село Дрмени се жалат дека неколку години по ден нема пари од јаболката.

„Работам бавчи со аргати, правам трошок, мразот ги фати, па градот ги досотре. И лани град ги фати, неколку години со ред нема печалба. За мразот пролетва што дека пријавивме, да видиме дали ќе добиеме пари. За ланските штети уште ништо немаат дадено, а сега од оваа година за в година велат“, вели Андоновска.

„Несреќата била таква пак да не зафати град. Оштетувањата заедно со оние од мразот се доста големи. И лани падна град и годинава. Ги нема веќе, ги немаме градобијните станици кои беа порано и го разблажуваа градот“, вели Таневски.

Дури и кога нема временски непогоди, овоштарите слабо заработуваат поради недоволниот пласман на странските пазари и ниските откупни цени.

„Но, и кога има род не е ништо подобро. Пред две години ми ги зедоа јаболката со два шлепера, денар не ми дадоа. Ни рекоа ќе ви ги платиме на трансакциска сметка, ни денар не добивме. Бадијала работата“, вели Андоновска.

„И во нормални услови многу мала е заработувачката од продажба на јаболка последниве години. Сè е скапо, особено препаратите, а цените на јаболкото одат надолу. Некоја заработувачка за да се живее подобро нема, посебно ако човек има помалку површини под јаболка. За да заработи повеќе треба да има површина поголема, но пак цената не е добра, заработувачката мала. Тоа што работиме се случува да се заработи колку за да се преживее“, вели Таневски.

Во Преспанскиот крај дури 70 проценти од домаќинствата се занимаваат со овоштарство. Во најдобрите години овошките раѓаат и до 100 илјади тони јаболка. Но, на пазарите овоштарите велат дека повеќе се продаваат банани отколку домашни јаболка. Околу извозот за странство проблем им прават царинските бариери, а и интересот за откуп не е постојан.

Околу откупната цена на јаболката од Министерството за земјоделство во повеќе наврати посочуваа дека таа е пазарна категорија и врз неа не можат да влијаат. Во просек се движи околу 12 денари за килограм. Но, затоа пак им исплаќаат субвенции од 28 илјади до 33 илјади денари по хектар. Во услови на слаб род, преживуваат од субвенциите.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG