Ајдини - Незадоволни сме од СОНК, можеби ќе формираме нов синдикат

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ајдини - долга е листата на проблеми во образованието

Наставничкиот пленум со долг список на барања до министерството за образование ќе се обидува да ги подобри состојбите во образовниот систем. Во пресрет на новата учебна година наставниците и проблемите стартуваат со стари проблеми. Оштетени и неквалитетни учебници, ниски плати на просветни работници, водење на два наместо еден дневник, постојани експерименти со наставна програма без консултации со родителите и наставниците, како и големи паралелки во кои нема доволно услови за водење на настава се дел од старите проблеми со кои ќе ја стартуваме новата учебна година вели професорот Енвер Ајдини, еден од основачите на Наставничкиот пленум во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Ајдини во пресрет на новата учебна година, што очекувате да им предизвикува годинава најголема главоболка на просветни работници?

Тоа што не чека не знам, ама што сакаме знам. Битно е засега што убаво почна, нешто што не мачеше повеќе години е тргнато, министерството за образование го укина екстерното тестирање. Тоа не е единствената болна точка во образовниот систем во нашата држава, има и други работи кои треба да се решат од кои би спомнал неколку работи. Од тоа што го слушам од самите наставници една од најболните точки е малите плати, односно покачувањето на плати кое ни го ветуваат, а од 2010 година навака нема никакво покачување. Потоа проблем е електронскиот дневник на пример. По сите дебати и случувања во наставата, се покажа дека наставниците сакаат да работат само со еден дневник или регуларниот или електронскиот. За многу наставници попрактично е да работат како претходно, само со регуларниот дневник. Потоа следуваат проблемите како што е Кембриџ програмата, потребно е да се укине или барем изменат некои работи во тој проект. Учебниците ни се навистина лоши, но може да ја тргнеме таа техничка работа на страна. Во времето кога ги воведоа бесплатно за учениците, беше наведено дека на секои две до три години поради застареност ќе се менуваат. А плус битно е да спомнам дека секогаш недостигаат учебници. Ако во еден клас има 34 ученици, доволно има за 20 ученици, па 14 остануваат без учебници.

Кои се вашите барања што ги адресирате до министерството за образование за новата учебна година ?

Право да ви кажам имаме многу барања, тоа се отприлика околу 80 барања поделени на одделенска настава, предметна настава и средно образование. Едно од барањата кое е заедничко кај наставните и во основно и средно образование е покачувањето на платите. Кога сме кај платите се спомнува како барање и воведување на 13 плата или пак К15. И ние просветните работници да имаме таков вид на примања. Потоа во основното образование односно одделенската настава, наставниците бараат или укинување или промена на Кембриџ проектот. Немаат против самиот проект, но проблемот е што немаме услови за да го спроведуваме проектот реално до крај. Ние немаме ни лаборатории опремени ниту други услови за спроведување во целост на тој проект. Не може ние да се однесуваме како да сме Финска, затоа што во Финска Кембриџ проектот е успешен, но таму и условите добри. Тоа е она болното во нашата држава, се носи реформа пред да се обезбедат услови за тие реформи. Се копираат проекти кои се интересни во други држави без да се консултираат со луѓето кои се вклучени во нивното спроведување. Тоа е едно барање кое ќе го поднесеме во министерството е пред да се носат какви било реформи да се консултираат со нас. Едно од другите наши барање е да се намали бројот на ученици во по паралелки. Може во некои училишта е мал, но основа во голем број училишта класовите се големи. Бараме максимално во една училница да бидат 20 до 24 ученици. Инаку, со многу ученици многу е тешко да се работи, немаш услови час да одржиш. Ќе спомнам еден пример, јас кога почнав со работа имав паралелки кои броеја и до 45 ученици, што беше не изводливо да се држи предавање, или да се оценува, без разлика дали е тоа писмено или усмено. Со 45 ученици не можете да одржите тест, како ќе ги проверите, а и до душа нема место за сите ученици во самата училница.

На пример, кога учениците полагаат матура, во една училница има 15 ученици. Што значи еден тестатор поставен од министерството може да следи само толку ученици. Штом ја надминува бројката од 15 тогаш е потешко за следење.

По протестите се доби впечаток во јавноста дека дел од просветните работници се незадоволни од синдикатот, зошто?

Па така и настанавме, ние како Наставнички пленум. По штрајкот организиран од СОНК во јануари 2015 година излеговме многу незадоволни од начинот на кој СОНК ги решаваше проблемите во образовниот систем кај нас. СОНК погреши што го прекина штрајкот без да не консултира нас. Излезе дека сите реформи кои беа донесени од страна на министерството синдикатот ги прифаќаше. Можеби од време на време ќе го подигнеше гласот за нешто, но пак на крај ќе се договореа и ќе останеа истите работи несменети.

Дали тоа значи дека сè уште сте незадоволни од СОНК?

Да, јас не сум повеќе член на СОНК, со ова претседателство и со овие луѓе никогаш не би се вратил во СОНК.

Дали размислувате за формирање на трет синдикат во образованието ?

Се размислува. Не е решено за тоа прашање, ние сме сега моментално организирани во таква хоризонтална структура, ако членовите на Пленумот (моментално се околу 1600) ако сите сакаат да преминеме во друг вид на организација, зошто да не. Тоа зависи од сите членови во Пленумот.

Целата верзија погледнете ја на Видеото.