Достапни линкови

Со нов закон до гарантирана автономија во високото образование


Протест на Студентски пленум, февруари, 2015.
Протест на Студентски пленум, февруари, 2015.

Новиот закон за високо образование треба да ја гарантира автономијата на Универзитетот и да го почитува Болоњскиот процес, коментираат познавачи, по најавите на Министерството за образование и наука дека е можно законот да биде донесен до крајот на годинава.

Измените на Законот за високо образование треба да се движат во насока на негово олеснување од сите непотребни одредби кои го оптоваруваат, тој треба максимално да ја гарантира слободата на работата на професорите на факултетите и да го почитува Болоњскиот процес, вели поранешниот министер за образование Ненад Новковски.

„Најитно е да се изменат оние одредби кои беа внесени последни, каде што се бара дополнителни измени на системот што веќе функционира и коишто со некои привремени решенија беа одложувани. Тоа во најдобар случај може да се направи со едно соодветно пречистување на Законот без менување на суштината, само со отстранување на овие непотребни делови кои внесуваат дополнителна забуна. Во основа Законот е насочен кон Болоњскиот процес и таа линија треба да продолжи“, вели Новковски.

Измените на Законот за високо образование деновиве го најави министерката за образование и наука Рената Дескоска, која одржа средба со претставници на државни и приватни универзитети, синдикати и со претставници на Професорскиот и Студентскиот пленум. Целта, како што беше наведено, е да се направи нов Закон со кој ќе бидат опфатени сите аспекти: статусот и организацијата на Универзитетот, надлежностите на Сенатот, начинот со управување на факултетите, студентското организирање и друго.

Новковски додава дека со реформата треба да се обезбеди на секој професор да му бидат достапни сите ресурси за истражување и наука.

Стефан Дојчиновски од Студентскиот пленум смета дека стариот Закон за високо образование бил, како што вели, растргнат од десетиците измени кои ги претрпел во периодот од 2008 година навака.

„Целата концепција која законот ја носеше со себе веќе беше разводнета и тој беше хаотичен. Законот имаше едно неодржливо решение кое што го зададе конечниот удар со обидот да се воведе Државен испит во однос на високото образование, а со кој се разводнуваше најкруцијалниот концепт за автономија на високото образование“, вели Дојчиновски.

Дојчиновски објаснува дека во инклузивниот процес со Министерството за образование во пишувањето на новиот закон, Студентскиот пленум се очекува да даде придонес и во делот на студентското организирање, односно во делот од прашањата од законот кои ги засегаат студентите. Но тој вели оти е клучно Пленумот да партиципира во воспоставувањето на автономијата на Универзитетот.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG