Медиумите ја анализираат „шпионската афера“

Архивска фотографија - Средба на претседателите на Македонија и на Србија, Ѓорге Иванов и Александар Вучиќ.

Топ тема во медиумите се македонско-српските дипломатски односи по повлекувањето на персоналот од амбасадата во Скопје и „дозволата“ за српскиот разузнавач Живалевиќ за во Собрание.

„Еднаш и ние да шпионираме!“ (со фотографија на Груевски, Вучиќ и Дачиќ); „Ќе ги градиме пријателските односи, за разликите ќе водиме дијалог“ – ова се некои од насловите во Слободен печат во врска со дипломатскиот скандал на Белград да го повлече персоналот на својата амбасада во Скопје. Еве што објавија другите печатени и електронски медиуми: „Медиумската машинерија на Вучиќ измисли војна со Македонија“ – наслови порталот Плусинфо. Вечер, по потегот од страна на Белград, ја објави заканата на шефот на српската дипломатија Дачиќ дека „И Србија може да го промени ставот за името, ако Македонија не биде воздржана за Косово“.

Работите се потсмирија со смирената реакција на македонската Влада и МНР и нивната иницијатива за контакти со српскиот естаблишмент. Нова Македонија го пренесува соопштението од српското МНР дека „Српските дипломати се враќаат во Скопје, македонската амбасадорка кај Вучиќ“, а Вечер, следејќи ја аферата во најновиот број излегува со наслов: „ЕУ ги поздравува договорот и конструктивноста на Заев и на Вучиќ“.

Медиумите се занимаваат со уште еден „крак“ на српско-македонските односи: присуството на српскиот разузнавач Живаљевиќ во Собранието на Македонија на крвавиот 27 април. Нова Македонија го објавува неговиот демант на тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека никој од тогашните нивни институции не му издал дозвола да влезе во пратеничкиот дом: „Моето присуство во македонското Собрание не беше тајно“, цитира весникот дел од неговата писмена изјава, додавајќи го и делот во кој поранешниот советник за безбедност во српската амбасада во Скопје тврди дека добил одобрување за влез во Собранието од советникот за безбедност на претседателот Иванов. Во друг напис, Нова Македонија го објавува демантот од претседателскиот Кабинет дека „македонските служби не побарале услуги од него и дека Кабинетот на претседателот не е надлежен, ниту овластен, да дава дозвола за престој на странски претставници и дипломати во Собранието на РМ“. И Слободен печат го објавува демантот на Иванов: „Живаљевиќ без дозвола влезе во Собранието“. Порталот Република пишува: „Живаљевиќ се правда со советникот на Иванов: Алексоски ми одобри да бидам во Собранието на 27 април“.

Колкава улога имаат медиумите во политиката сведочи и „случката“ во врска со посетата на шефот на грчката дипломатија при крајот на месецов на Скопје. „Медиумите за малку ќе ја откажеа посетата на Коѕиас на Скопје“ – насловува Нова Македонија, објаснувајќи: „Стара вест на Независната балканска новинска агенција, преземена и објавена на грчкиот портал 24/7 и преземена од некои македонски медиуми лесно можеше да предизвика дипломатски инцидент и да ги влоши односите на релацијата Скопје - Атина“. Нова Македонија ја пренесува информацијата на својот дописник во Атина дека од грчкото МНР е потврдено дека Коѕиас ќе престојува во еднодневна посета на Скопје на 31 август.

Од домашните теми го издвојуваме пишувањето на Вечер: „Пензионери мирно спијте – и натаму ќе се возите гага!“. Весникот го пренесува тврдењето на министерката за труд Царовска дека нема да се укинуваат никакви права на пензионерите.