Северна Кореја и САД ги смируваат тензиите

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Тилерсон ја пофали воздржаноста на Северна Кореја

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун наредил производство на повеќе ракетни мотори и ракетни глави. Ова денеска го објави севернокорејската државна новинска агенција во веста во која невообичаено немало остри закани кон Вашингтон. Претходно, американскиот државен секретар Рекс Тилерсон ја пофали воздржаноста на Северна Кореја.

По неколкуте недели на зголемена напнатост меѓу Соединетите Држави и Северна Кореја, Тилерсон го пофали Пјонгјанг поради тоа што се воздржал од провакции и оцени дека тоа би можело да овозможи да дојде до дијалог меѓу двете земји.

„Ние немавме никакви ракетни лансирања или провокативни акти од страна на Северна Кореја од едногласното усвојување на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН“, рече тој.

Тилерсон оцени дека Северна Кореја покажала степен на воздржаност кој, како што рече, не бил виден во минатото.

„Се надеваме дека ова е почеток на овој сигнал што го бараме, дека тие се подготвени да го ограничат нивото на тензии, дека се подготвени да ги ограничат своите провокативни дела и дека можеби го гледаме нашиот пат за дијалог во блиска иднина“, рече тој.

Неколку часа по прес-конференцијата на Тилерсон, севернокорејската државна новинска агенција објави дека лидерот Ким Џонг Ун, при посетата на Институтот за хемиски материјали, побарал да се зголеми производството на ракетни мотори на цврсто гориво како и на ракетните глави.

Во веста, како што оценуваат некои светски агенции, немало остри закани против Соединетите Држави, како што било вообичаено во изминативе неколку недели.

Северна Кореја од почетокот на минатата година изведе две нуклеарни проби и десетици ракетни тестови.

Во јули годинава беа лансирани две интерконтинентални балистички ракети што доведе до нова серија меѓународни санкции врз Пјонгјанг против неговите напори да произведе нуклеарни ракетни глави.

Ваквите стравувања се зголемија откако американскиот претседател Доналд Трамп ја предупреди Северна Кореја дека ќе се соочи со „оган и гнев“ доколку продолжи да им се заканува на Соединетите Држави.