Под закана над 30 милиони евра од ИПА фондовите

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи

Македонија не искористила над 150 милиони евра од ИПА фондовите, а под закана за губење се уште 33 милиони евра.

Македонија во изминатиот период не искористила над 150 милиони евра или 25 проценти од ИПА фондовите за периодот 2007-2013 и тие пари кои служат за помош да се спроведат реформите ќе бидат вратени назад, изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на прес-конференцијата на која ги презентираше податоците за искористеноста на ИПА средствата. Тој информираше дека постојат ризици за губење на дополнителни 33 милиони евра и дополни дека затоа владата презема мерки и активнoсти со кои ќе се обиде да спаси што е можно повеќе од парите од ИПА 1. Станува збор за проекти кои ако не се реализираат до декември оваа година, парите планирани за нив ќе се вратат назад во буџетот на ЕУ. Такви проекти се изградбата на граничниот премин Белановце-Станчич, пречистителната станица во Прилеп и неколку други проекти. Со оглед дека постојат ризици да не се успее да се реализираат проекти кои се програмирани, Османи рече дека може да постои потреба да се пренаменат пари од буџетот за да бидат завршени.

„Дел од проектите ако не се реализираат во предвидените рокови со финансиските договори потоа треба да бидат покриени од средства на буџетот. Затоа овие ризични проекти ги ставаме во ургентни ризични проекти за да ги адресираме со новиот план за реформи. Таков проект е граничниот премин Белановце-Станчич каде се гради царински објект на граничната линија. Има правни проблеми, бидејќи ниедна страна не сака да даде дозвола за објектот“, изјави Османи.

Информирајќи дека се работи на нов мастер план за реформа на капацитетите на администрацијата за поголема искористеност на ИПА фондовите, министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека мерките во мастер планот, слично како и планот 3-6-9, ќе бидат поделени во три групи според итноста и роковите за имплементација.

„Наши појдовни точки во изработката на планот за подобрување на икористеноста на ИПА е прво да се обезбеди поголема посветеност во однос на спроведувањето на ИПА на најголемо политичко ниво, што не било случај со претходната влада“, рече министерот Тевдовски.

Тој дополни дека е потребно да се подобри екипираноста на структурите за управување со ИПА фондовите и да се подобри функционирањето на ИПА структурите преку зајакнување на транспарентноста и соработката на институциите.

Инаку со програмата ИПА 1 за периодот 2007-2013 на располагање на државава и биле ставени вкупно 614 милиони евра, од кои биле искористени 437 милиони евра или 75 проценти. Со овие пари меѓу другото се реконструирани 10 железнички станици, меѓу кои и најголемата во Скопје.