Не се градат станови и кампови, Македонија не е атрактивна за бегалците

Архивска фотографија - Волонтери работат со деца бегалци во кампот на македонско-српската граница.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска за РСЕ вели дека не се градат станови, ниту се подигаат кампови за бегалци. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, стравува дека земјата ќе стане акрактивна за доселување, а невладините потсетуваат дека земјата не и крајна цел на бегалците.

Стратегијата за бегалци со која се даваат насоки за наредните 10 години и предизвика полемика и реакции во јавноста е континуитет на стратегијата што ја донесе ВМРО-ДПМНЕ во 2009 година, потенцира министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, додавајќи дека нема место за вознемиреност и страв, кои што се обидува да ги разгори опозицијата. Царовска посочи дека во документот се вклучени и најголем дел од содржините донесени од претходната влада. Таа нагласува дека Македонија ниту е атрактивна за бегалците, ниту некој има потреба да остане во неа.

„Затоа нема никаква потреба од страв. Македонија си е декларирана и продолжува да биде транзит земја. И тоа се гледа по статистики и бројки. 2015 -2016 пред да се затвори рутата во Македонија имало 1600 мигранти. Во моментов во Македонија нема повеќе од 60 во двата транзитни центрa и во центарот за азил“, вели министерката Царовска во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Таа појаснува дека стратегијата не е обврзувачки документ, туку дека дава насоки за во иднина, нагласувајќи дека стравот кој го наметна опозицијата дека ќе се градат станови и кампови е непотребен.

„Патоказ е оваа стратегија, не е обврзувачки документ, не е закон со кој се обврзува државата да изгради станови, ниту пак дека ќе им дадеме државјанства на овие групи на граѓани. Тоа се регулира согласно законските решенија во Македонија, кои од претходно се донесени во 2009, се регулира статустот на овие граѓани и тоа токму во владата на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа е важно да кажеме дека ние со оваа стратегија зборуваме само за оние што имаат некаков регулиран статус во државата и баратели на азил, а не за мигранти. Нема потреба од страв и не се градат станови, ниту се подготвуваат кампови“, вели Царовска.

Во изминатите денови ВМРО-ДПМНЕ ја алармираше јавноста дека новата стратегија на владата ќе имплицира масовно доделување на државјанства на бегалци, а Македонија повеќе нема да биде транзит дестинација, како што е во моментов, туку земја атрактивна за трајно сместување.

„Во оваа стратегија има голем број проекти што треба да ги реализира Министерството за труд и социјална работа, голем број проекти и измени во законот кој се однесува на доделување на државјанство во делот на МВР, масовно доделување на државјанства со олеснети услови итн.“, изјави деновиве Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

Од невладините организации потсетуваат дека во периодот 2015-2016 низ Македонија поминале еден милион бегалци, од кои само неколкумина останале да бараат азил, и тоа привремено зошто никој од нив не сакал да остане во Македонија и целта им била како да стигнат до некоја од соседните земји.

„Во иднина кога би имало слична ситуација, тоа не значи дека тие луѓе ќе останат по 10 илјади бројки и слично, зошто Македонија нема толкав капацитет. Се знае колкав е капацитетот на нашите прифатни центри. Се знае колкава е економската можност на земјата и се знае дека Македонија не е целна земја на бегалците, дури и ние да сакаме да останат тука, тие не остануваат“, изјави Јасмин Реџепи од Легис

Во невладините организации посочуваат дека соседните земји членки на ЕУ, како Хрватска и Словенија, од Унијата се обврзани да прифатат од 700 до 1.200 бегалци, додавајќи дека тоа е значително помалку од наводите на ВМРО-ДПМНЕ дека во земјава може да останат од 10 до 20 илјади бегалци.