„Ако се народни избраници, веднаш да си ги скратат патните трошоци!“ – објавува Слободен печат подолг текст во кој прави своја анализа и пресметка колку патните трошоци на пратениците го чинат државниот буџет, а по препораките на Државниот ревизор Собранието да ја преиспита висината на надоместокот. Споредбата на реалните трошоци со износите на надоместокот покажува разлика од над 1700 евра за бензинските автомобили и над 1300 евра кај дизелашите. Оваа разлика оди во џебот на народните избраници, пишува Слободен печат.
Досегашениот претседател на Синдикатите Митревски, кој долго време не ја предаваше функцијата на својот наследник, според анкетниот лист, „Си заминува од ССМ со стан во Скопје и со заштеда од околу 20.000 евра на штедни книшки, негови и на сопругата“, објави порталот Фокус.мк.
Истиот портал, како и порталот Плусинфо објавија дека Ивона Талевска, обвинета во случајот „Тифани“ на СЈО, за затајување на данок, се повлекла од функцијата главен и одговорен уредник на Вечер, заради „многу обврски“, и дека останува само во Сител ТВ.
Вечер објавува дека „Се засилуваат подготовките за воведување евтина струја и преку ден – Европската енергетска заедница на состанокот во Виена со амин за евтината дневна струја“. Во напис за истава тема, порталот Република го „закача“ вицепремиерот за економски прашања: „Анѓушев си го истера своето – поскапува струјата“, насловува порталот, а во текстот објаснува дека со новиот Закон за енергетика, со кој ќе се врати евтината дневна, ќе се либерализира и пазарот на струја, што ќе значело и поскапување, а дека Анѓушев бил еден од најголемите трговци со струја.
Најмногу текстови за собраниската дебата за разрешувањето на Зврлевски објавува Нова Македонија: „И денеска Зврлевски на дневен ред“, „Собраниската расправа за разрешувањето на Зврлевски заврши синоќа“, „Денеска треба да се гласа за разрешувањето на Зврлевски“ се само дел од насловите. И Вечер ја објавува веста дека „Собранието треба да гласа за разрешување на Зврлевски“.
Нова Македонија, Вечер и Слободен печат ја објавуваат веста дека премиерот Заев писмено побарал од претседателот на Собранието, Талат Џафери, да определи еднаш неделно термин за пратенички прашања до Владата, во време што ќе му одговара на парламентот.
Вечер насловува: „Економските директори си заминуваат од клиниките“, па објаснува дека со овој потег министерот за здравство Таравари ќе ги намали трошоците за плати во клиниките, што траат веќе 11 години откако беа воведени.
Печатените и електронските медиуми информираат и за работната посета на вицепремиерот за европски прашања, Османи на Германија, а Слободен печат го објавува детаљот дека Османи до државниот секретар во германскот МНР за европски прашања, Рот, ја пренел иницијативата на македонската Влада за стратешко партнерство меѓу Германија и Македонија и побарал вклучување на Берлин во решавањето на проблемот што Грција го има со нашето уставно име.