Поради долготрајниот сушен период, проследен со рекордни високи температури на воздухот, резервите на влага во подлабоките слоеви на земјиштето се намалени и тоа многу неповолно се одразува врз состојбата на сите земјоделски култури. Најмногу настрадаа житните култури чии приноси се значително намалени, а температурите од над 40 степени и долгиот период без дожд тешко ги поднесуваат и повеќето градинарски и овошни култури, вели Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.
„Сушата направи несогледливи негативни последици кај земјоделството во Македонија. Тоа најпрвин се одрази кај житните култури. Во некои краеви приносите се намалени од 60 до 70 проценти. Тоа е особено во овчеполието, штипскиот дел, дел од повардарието и кочанскиот дел. Во пелагонискиот дел како Прилеп и Битола приносите се намалени од 40 отсто до 50 отсто“, изјави Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.
Исклучително топлото и суво време ги погоди и браните кои останаа празни. Од овие причини земјоделците не можеа да ги наводнуваат полињата и затоа последиците се уште поголеми, вели Шаклев.
Негативното влијание, особено се одразува кај пченката која е посеана на суво и таа воопшто нема да се бере, зошто не може да вегетира. Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци додава дека и таму каде што има услови за наводнување ќе бидат намалени приносите, бидејќи акумулациите располагаат со минимум вода и се врши рестрикција при наводнувањето.
Поради рестрикцијата со наводнување се проценува дека и приносите со луцерка ќе бидат намалени за 40 отсто.
Експертите велат дека климата во Македонија се менува и треба да се преземат мерки со кои би се заштитило земјоделството и би се ублажиле последиците. Според нив сушите во иднина ќе бидат сè почести како и екстремните временски прилики.
„Ова ни е еден јасен сигнал дека покрај другите држави кои сериозно се подготвуваат за вакви временски непогоди и Македонија сериозно да пристапи кон подготовка на земјоделство со поекономично наводнување, системите да ги сочуваме и реновираме, водата ќе ја има сè помалку што значи дека наводнувањето е неминовна агротехничка мерка која мора да ја применува во иднина“, вели професор Илија Каров.
Како што изјавуваат експертите, на Македонија и е потребна сериозна студија во наредниот период за да биде подготвен земјоделскиот сектор да се ублажат штетите од новонастанатите климатски прилики.
Професор Каров нагласи дека државата треба да размислува да направи сериозен проект за садење култури кои бараат помалу вода за навoднување и кои имаат пократок период на вегетација.
А климатските прилики кои влијаат директно врз земјоделството предизвикаа слични проблеми и во сточарството
„Нема трева, нема со што да се напасуваат овците и говедата кои се на паша, затоа кај овците количината на млеко драстично е намалена и се прашуваме што ќе прават и како ќе преживее стоката зимоска, зошто е намалена количината на луцерка и слама од која треба да се хранат зимата“, вели Шаклев од Асоцијацијата на земјоделци
Тој дополнува дека очекува цената на зрнестата храна да биде многу скапа и изразува загриженост дека тоа дополнително ќе ги влоши состојбите на сточарите во текот на зимата, кои ќе бидат соочени со предизвикот како да ги прехранат животните.