Медиуми – Традиционално раскарани и на празник

Одбележување на Илинден - Денот на Републиката - 2 Август во Пелинце

Медиумите пишуваат за неединството на власта и опозицијата и на одбележувањето на Денот на Републиката. Информираат и за Договорот со Бугарија и средбата на премиерот Заев со американскиот потпретседател Пенс.

И овој 2 Август, Илинден, помина традиционално, во наш стил – власта и опозицијата раскарани и на големиот национален празник. Народот исто така. Единствена разлика е што на местата на славење не беа носени партиски активисти со автобуси. И Слободен печат го забележува ова, па објави објави симболичен наслов: „Власта и опозицијата разединети го прославија Илинден – Европејците пред Гоце, вмровците сами во корија“.

И Вечер се решил за симболични наслови, придружени од фотографии: „Илинден 2017 – Чудесна Македонија: Потпишан договорот за добрососедство со Бугарија; Талат Џафери го читаше Крушевскиот манифест; Борисов се поклони на гробот на Гоце Делчев“.

Слободен печат информира и за тоа дека „Делегација на СДСМ во Скопје и во Крушево учествуваше во државното одбележување на 2 Август – Денот на републиката“. Но затоа Вечер објави само дека „ВМРО-ДПМНЕ положи цвеќе на Мечкин Камен ден пред прославата“. Порталот Курир.мк објавува: „СДСМ остана без народ – Мечкин Камен и Пелинце празни“, а порталот на неделникот Република во рубриката дневни вести напиша: „Народот одби да го празнува Илинден со Џафери и ненародната влада“.

Потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија, исто така, тема за подбив во поранешните провладини, сега проопозициски медиуми. Вечер ја анализира МРТ, па со крупни букви објавува: „МРТВ 2017 – Брзи прсти? Потпушување наместо потпишување, кајронот на МРТВ хит на социјалните мрежи“. Порталот Курир.мк го објави соопштението на ВМРО-ДПМНЕ: „Антинародната и марионетска влада влада на СДС потпиша штетен договор со Република Бугарија“.

Слободен печат, пак, го пренесува делот од интервјуто на министерската за надворешни на Бугарија, Захариева, за Телевизија 24, каде што таа вели: „ВМРО-ДПМНЕ немаше ништо против заедничко славење на празници – со таа партија беше завршен 90 отсто од Договорот, владата на СДСМ само го финализира започнатото“.

Нова Македонија неутрално: „Заев и Борисов го потпишаа Договорот за добрососедство“. Слободен печат ги објавува позитивните реакции за потегот помеѓу двата соседа: „САД, Франција, НАТО... се надеваат дека Договорот ќе овозможи Скопје и Софија да ги продлабочат својот дијалог и соработка“, исто како и Вечер, кој ја објавува и позитивната реакција на високите европски функционери, Могерини и Хан.

Покрај основните вести за престојот на бугарскиот премиер во Скопје, на Вечер му е интересно тоа што „Борисов се возеше со контроверзниот мерцедес од 600.000 евра“, купен за Груевски.

Сите печатени медиуми и интернет портали ја објавија веста за билатералната средба во Подгорица на премиерот Заев со американскиот потпретседател Пенс кој „му ја пренел пораката од претседателот Трамп дека САД стојат зад Република Македонија и зад регионот на Западен балкан во определбите за интеграциите во НАТО“, како што пренесе порталот на Фокус. Како и изјавата на Заев во обраќањето на самитот на членките на Јадранската повелба: „Очекуваме Македонија да стане 30-та членка на НАТО“, што ја пренесе порталот Плусинфо.

Нова Македонија информира дека со законот за стечајци што го предложи Владата на Заев 3.000 лица ќе добиваат по 7 и пол илјади месечен надомест. Вечер објави дека Агенцијата за храна и ветеринарство потврди дека во гостиварското село Симница има „Кримска Кронго хеморагична треска и Кју треска“. Болестите ги ширеле, крлежи, комарци и глодари.