Македонија на плус 40 степени

Архивска фотографија - Градежни работници работат на плоштадот во центарот на Скопје.

Синдикатот на градежниците бара инспекторите да излезат на терен и да спречат градежниците да работат на температури над 40 степени.

Во Скопје и другите градови од Македонија од денеска почнува портокаловиот метео-аларм, а во наредните денови температурите ќе одат и преку 40 степени, а тие дневни температури се голем проблем за луѓето кои работат на отворено.

Во последните неколку години постојано медиумите пишуваат за предупредувања упатени до работодавачите да водат грижа за работниците и да не ги тераат да бидат надвор. Но, за жал, сè завршува на укажувања. Конкретни чекори нема.

Павел Трендафилов од Синдикатот на градежни работници бара инспекторите итно да излезат на терен, укажувајќи дека ни неподносливите горештини не ги спречиле градежниците да бидат на нивните скелиња.

„За жал, работниците кои секојдневно ги гледаме се изложени дневно на високи температури и покрај тоа што ние со години наназад апелиравме, а посебно и Владата која дава препораки, апсолутно не се почитува тоа што треба да се почитува, едноставно да се заштитат работниците од високите температури. Во едни ненормални услови на работа мислам дека државниот инспекторат треба да излезе на терен, зашто се најавуваат температури над 40 степени“, вели Павел Трендафилов.

Под критика е и локалната самоуправа во главниот град која од изведувачите бара да ангажираат работници и механизација, а Трендафилов бара да се издадат упатства до работодавачите поради преземање заштитни мерки за работниците од високите температури.

„Во Скопје како метропола, кај што се изведуваат најголем број градежни работи, ќе видите на секоја улица каде што се изведуваат работни задачи, дали е локалната власт која е нарачател таму или не, работниците работат на отворено на енормно високи температури. Апсолутно не се почитува дека е алертна фаза и дека треба работниците да бидат заштитени барем она што е во најмала рака, а камо ли да им се понуди нешто во услови на високи температури“, додава Трендафилов.

Се зависи од добрата волја на работодавачите. Од Синдикатот велат дека не постои закон во приватниот сектор кој директно им наложува на работодавачите дека не треба да се ангажираат работниците да работат на отворено. Според Трендафилов во услови на високи температури ако Владата, односно Министерството за труд и социјална политика издаде препорака со која од работодавачите се бара да не ги изложуваат работниците да бидат на отворено од 11 до 16 часот, тие треба да ја испочитуваат и да водат сметка за здравјето на работниците.

Во меѓувреме, на медиумите секојдневно им се упатуваат совети на граѓаните како да се однесуваат на горештините. Лекарите предупредуваат дека директните сончеви зраци имаат дополнително негативно влијание врз организмот при екстремно високи температури.

Со доаѓањето на новиот топлотен бран лекарите на луѓето со хронични хипертензии и со срцеви заболувања за да не им се влоши дополнително состојбата им препорачуваат да не бидат на отворено кога температурите се највисоки, а оние што се со редовна терапија постојано да ја примаат терапијата и редовно да го контролираат крвниот притисок.

Од Итната помош велат дека нема зголемен број интервенции во споредба со други години, но нивни екипи во главниот град дневно имаат 100 интервенции во текот на 24 часа.

„Бројот и типот на повиците е карактеристичен и вообичаен за овој период од годината. Најзасегнати се хронично срцевите болни и пациентите со белодробни заболувања и циркулаторни проблеми“, вели доктор Елена Карева – Пиловска.

Од Итната медицинска помош дополнуваат дека поради високите температури со цел да се спречи труења со храна се препорачува да се води сметка да се купува од објекти каде расипливите продукти се чуваат во разладни уреди како и да се води сметка за рокот на производите кои се купуваат.

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) препорачува во следните три дена (од петок до недела) од работни обврски да бидат ослободени бремените жени и лицата над 60 годишна возраст. На работодавачите им се препорачува да го реорганизираат работното време и да не се работи на отворено во периодот од 11 до 17 часот..

Препорачуваат и да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот и градинките да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во истиот период.