Eкономско закрепнување од идната година

Архивска фотографија - Премиерот Зоран Заев на деловен појадок во организација на Сојуз на стопански комори на Македонија

За еден месец не можат да се очекуваат големи промени во економијата. Оваа година ќе заврши со низок економски раст, а некое раздвижување може да се очекува следната година, прогнозираат економистите.

Политичката криза имаше силно влијание врз економијата во Македонија, а економистите очекуваат некакво закрепнување од идната година.

„Знаци позитивни има, но, за жал, сметам дека во 2017 ќе имаме историски најнизок економски раст зашто оваа година е само последица на претходните две години кога имавме политичка криза. Во 2018, ако правилно се планираат економските мерки од Владата, тогаш таа година ќе биде година на закрепнување и ќе ги видиме првите позитивни знаци. Тогаш може да има раст од 3 отсто“, вели економистот Фатмир Битиќи.

Тој нагласи дека психолошкиот страв што постоеше кај стопанствениците од продолжената политичка криза полека се намалува. Тоа се случува побавно од очекувањата, вели Битиќи, кој додава дека сепак е очигледно дека компаниите почнуваат да размислуваат во насока на инвестирања и развој на своите бизниси.

„Сметам дека е премногу рано зашто сме во средина на 100-те дена од Владата. Има само навестувања но се уште немаме видено конкретна мерка која значително ќе ги поддржи домашните компании или пак ќе овозможи да дојдат малку полесно до свеж капитал, кој им е потребен зашто во минатото имавме проблем со ликвидноста и се уште има", вели Битиќи.

Тој очекува Владата пред завршување на 100-те дена да почне со мерки кои ќе го раздвижат стопанството и реално овој сектор да ги види најавените интервенции за подршка на домашните компании.

Битиќи се повикува на тоа што веќе е обелоденет дел од скриениот долг кој премиерот најавува дека е 700 милиони и проценува дека Владата покажува знаци на транспарентност.

Стопанствениците претходно бараа да се обелодени скриениот долг, а потоа да се направи план како ќе се сервисира.

Тој е сигурен дека само економски раст од 4,5 до 5 отсто е раст кој ќе ги даде видливите знаци на развој. Каков било раст од претходните две години и растот со кој ќе ја завршиме оваа година не е доволен, вели Битиќи.

Професор Марија Зарезанкова - Потевска, вели дека не може да се очекува за еден месец големи промени во економијата.

„Можеби новата Влада предлага нешто ново, но ако се намалат политичките тензии претпоставувам дека предвидениот економски раст ќе се оствари. Кратко е времето да се каже дека има некаков напредок во стопанството. Беше ревидиран раст на БДП тешко е да се каже дали ќе се зголеми и тоа зависи од политиките кои ќе се реализираат“, вели Зарезанкова - Потевска.

Професор Зарезанкова -Потевска потенцира дека економски раст од 2 или 3 отсто не е решение за економијата.

„Дали е 2,5 или 2,7 не менува ништо значајно во нашиот економски и општествен живот“, вели таа.

Зарезанкова- Потевска вели дека ако Македонија сака да се извлече од економската криза потребен е континуиран раст од 5 или 6 отсто.