Социјалните мрежи создаваат страв за вакцинирање на децата

Вакцините се исправни, велат лекарите, нотирајќи дека опаѓа бројот на вакцинирани деца. Тие апелираат, надлежните во државава да ги едуцираат и медицинските работници и родителите за важноста на вакцинирањето.

Ако до пред неколку години имунизацијата на децата беше задолжително извршувана, а и немаше информации за зголемување на бројот на аутистични деца, интернетот и социјалните мрежи ја сменија состојбата. Кумановските лекари велат дека бројот на вакцинираните деца опаѓа, а за исправноста на вакцината која се дава во втората година од животот не треба да постои сомнение, оти според нив, таа е научно испитана и е од реномирана фармацевтска фирма, според тоа и не е причина за појава на аутизам. Затоа лекарите сметаат дека надлежните во државава треба да направат стратегија за едукација не само на медицинските работници, туку и на родителите.

Инфектолог доктор Сунчица Јосифова, вели дека вакцинацијата е предвидена за воспоставување контрола врз ширењето на инфективните болести.

„Поради невакцинирање заболувањето од инфективните болести може да има далекусежни последици и може да заврши фатално. Тоа што нема голем број инфицирани деца, е резултат на вакцинирањето“, вели доктор Јосифова.

Доктор Драги Караџински, вели дека треба да се информира населението за последиците од невакцинирањето.

„Да се објасни за какви болести се работи, дека тие се шират експлозивно и неконтролирано. Ако кај едно дете на 10 или 15 илјади деца се појават некакви компликации, тоа не значи дека децата не треба да се вакцинираат. Замислете ако не се вакцинираат децата и се појави болеста која би се спречила со вакцината! Тоа ширење дезинформации за дејството на вакцинациите е само предизвикување страв,зашто со години се прават експерименти со кој се утврдуваат позитивните и негативните својства, пред лекот да се пушти во употреба. На тој план треба да се работи со населението“, вели доктор Караџински.

Доктор Кристина Крајиновиќ појаснува дека проблемот е само со една вакцина предвидена за тројна заштита, од мали сипаници,заушки и рубеола, за која се расправа и во светот. Ова е по објавена студија на група британски научници, дека таа предизвикува аутизам.

„Ние како медицински лица им кажуваме на родителите дека таа не предизвикува аутизам, но проблемот е со интернетот, фејсбукот. Гледаме дека во Куманово 95 отсто од вакцинацијата се спроведува освен со едната вакцина“, вели доктор Крајиновиќ.

„Треба да се преземат мерки. Не само едукација на здравствените работници во однос на вакцинацијата, туку едукација и комуникација со родителите, веројатно во образованието каде ни екако здравство, како епидемиолози ќе се наметнеме преку советите на родителите, за да се спречи антивакцинална кампања . Да им се објасни на родителите дека се работи за проверени, сертифицирани вакцини. Сите вакцини што доаѓаат во државата се проверуваат од Министерството за здравство, односно од Контролата за биро на лекови“, вели епидемиологот, доктор Јадранка Стаменковска.

Таа појаснува дека со таа вакцина и пред повеќе од 30 години биле вакцинирани децата. Според неа, докажано е дека вакцината не предизвикува аутизам.