Ангажманот на Нимиц исчекор во преговорите

Посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц дава изјава за медиумите во Скопје.

Атмосферата за преговорите за името се менува, велат аналитичарите. Тие се оптимисти во однос на градењето на добрососедски односи, за кои, како што велат, може да придонесат во создавање на исчекор околу спорот за името.

Во целиот процес околу разрешувањето на долгогодишниот спор за името се чувствува нова енергија и позицијата на Македонија се менува, велат аналитичарите кои ги консултиравме. И покрај средбата на „тројката во Солун“, односно на премиерите на Грција и на Бугарија и на претседатетот на Србија, сепак се насетува поповолна состојба за Македонија во однос на преговорите за името, коментираат тие. Ваквите коментари доаѓаа во пресрет на средбата на специјалниот пратеник на ОН во спорот за името меѓу Грција и Македонија, Метју Нимиц со Никос Коѕиас, шефот на грчката дипломатија во Брисел.

Поранешниот амбасадор Благој Зашов вели дека тоа што Нимиц одново почнува да се ангажира околу барањето решение е добра работа, покажува еден вид исчекор и придонесува кон создавање позитивна нова атмосфера.

„Средбата во Скопје беше почетокот, а средбата со Коѕиас е само продолжение. Мислам дека тоа нема да донесе некаков конечен резултат, затоа што тука сепак има уште време, уште консултации и уште договарање, и доградување на атмосферата која настана сега, атмосфера на разбирање и добрососедство“, вели Зашов.

Аналитичарот Алберт Муслиу смета дека апсолутниот примат кој го имаше Грција во изминативе години и по однесувањето на Коѕиас и по иницијативата за „тројката во Солун“ укажуваат на тоа дека ситуацијата и атмосферата се менуваат.

„Очекувам процесот да се раздвижи. Дали ќе најдат некое интерно решение за целиот процес да се одблокира, но и Македонија да преземе обврска да пристапи кон процесот поинтезивно. Дали ќе се најде некое решение кое ќе ги ослободи евроатланските интергации со преземање дополнителни обврски, зависи и од преговорите и од сите останати страни, но мислам дека во основа е променета ситуацијата во споредба пред три до четири месеци“, вели Муслиу.

Како што претходно соопштија од канцеларијата на Нимиц, на средбата, која е на барање на официјална Атина, ќе се разговара за можноста за напредок во преговорите за спорот за името.

Средбата доаѓа по последната посетата на Нимиц на Скопје, по која тој требаше да замине за Атина, но поради вклученост на Коѕиас во решавањето на кипарското прашање, средбата беше одложена. За време на посетата на Скопје, Нимиц изјави дека не очекува во следните неколку месеци драстични промени во решавањето на спорот, затоа што допрва ќе се разгледуваат ставовите на двете страни и додаде дека не е време сега да се излезе со дефинитивен предлог.

И Зашов и Муслиу се оптимисти кога станува збор за можноста преговорите да се подигнат на едно повисоко ниво, па дури и на премиерски билатерални средби.