Дуодрамата „Деветка“ на Гоце Ристовски како „отров во кристална чаша“

Деветка, театарска претстава

На малата сцена на Македонскиот народен театар, вечерва, во рамките на Скопско лето, ќе биде прикажана „Деветка“ од Гоце Ристовски, претставата чија праизведба се случи на крајот на ноември минатата година во Културниот центар Нови Сад и „Театар 34“. Проектот кој се бави со „осмислувањето на светот и животот како еден од условите за неговиот развој“ го потпишуваат режисерот Богдан Јанковиќ, драматургот Симон Грабовац, сценографката и костимографка Милијана Лазовиќ и актерите Соња Лештар и Лазар Јованов.

Преку еден вид на авантура наречена „Деветка“ се прашуваме во какво време живееме и во што се претвораме. Толкувањето на деветте сцени, односно театарските дамки слични на текстот создаден од познатиот психијатар Херман Роршах секој гледач ќе ја самодијагностицира и анализира својата ментална и емоционална состојба. Како превентивна терапија авторската екипа ќе ви понуди можност да се насмеете, забавувате и да се замислите, а тоа можеби ќе ве помрдне!

Ова, во пресрет на праизведбата на „Деветка“, драмскиот првенец на македонскиот писател Гоце Ристовски, во Културниот центар Нови Сад и „Театар 34“, ќе го забележи српскиот режисер Богдан Јанковиќ.

Тодор Кузманов, новинар и театарски критичар од Македонско радио, во својот осврт на пиесата насловен како „Отров во кристална чаша“, истакнува дека „9-ка“ е драмски првенец на Гоце Ристовски кој е пишуван во еден постмодернистички стил, а во духот на современата европска драматургија од крајот на минатиот век до денес. Самиот наслов, како што вели тој, буди мноштво асоцијации кои интригираат, провоцираат и мотивираат да се проведе еден театарски час во хаосот на современата цивилизација исполнета со редица ужаси, насилства од политички, социјален и психолошки карактер. Дополнува дека „суштината на драмата на современиот свет се прекршува преку односите и дијалозите на единствените два лика, мажот и жената кои како да се извлечени од корпусот на драматургијата на апсурдот“ и потем заклучува дека „овој атипичен драмски ракопис е обид да се соочат гледачите со самите себе си“. Според него тука се мешаат стварноста и илузијата, реалното и виртуелното. Преставувањето на злото и цикличноста, односно неговото повторување (првата и деветтата сцена се слични), „а тоа само покажува колку малку се напредувало во создавањето на еден похуман свет“.

Во контекст на ова, писателот Гоце Ристовски наведува дека драмскиот текст „9-ка“, инаку напишан во 2014 година, се бави со „некои суштински прашања коишто постојат во човековата цивилизација од нејзиното создавање до денес“. Дека се обидува да даде одговор на тоа што е суштината на животот, но дадена преку приказната на двајца луѓе кои, всушност“ и немаат имиња. Едниот е маж, а другиот – жена. Авторот дополнува дека она што можеби е интересно е да се потенцира дека, според неговите писателски фасцинации и претпоставки, станува збор за последните двајца луѓе од човековиот род.

„Јас имено таму претпоставувам дека оваа цивилизација ќе замине од светот и ќе ја наследи некоја помоќна, посилна. Дали тоа ќе биде резултат на некакви ГМО, на некакви вештачки интелигенции или на „доаѓања од друга страна“, тоа е веќе сосема друго прашање. Тие додека го раскажуваат својот живот, ја раскажуваат на некаков начин и историјата на цивилизацијата, говорејќи притоа не само за позитивностите, туку и за, дури можеби многу повеќе, одредени проблематични ситуации за човекот, човековиот род, за животот, суштината на живеењето, за неговиот однос кон природата итн“, вели тој.

Во натамошната експликација, авторот истакнува дека сторијата се врти околу двајца кои се заробеници од повисоката цивилизација. Тие се затворени во кафез и ним им служат за забава. Е, сега колку може и како може тој концепт на живот во затворен простор да биде успешен, како што вели, ќе можеме да видиме на сцената според погледите на режисерот Јанковиќ и драматургот Грабовац.

„Деветка е симбол. Таа е последниот едноцифрен број, а после нејзе е двоцифрениот. Во крајна инстанца, „9-ка“ значи крај на еден свет и почеток на еден нов, друг свет“, вели Ристовски.

Тој дополнува дека во литературата и воопшто во уметноста овој симбол е користен. Дека го има дури и во нашите народни песни, во поезијата на современите македонски автори, „деветте симфонии на Бетовен“, „деветте кругови на пеколот на Данте“, девет месеци мајката го носи плодот, девет ангелски хорови...

„Не станува збор за типична балканска драматургија којашто се занимава со актуелноста или со минатото. Туку се работи за текст којшто сака да се занимава со некои поуниверзални прашања поставени на еден специфичен, автентичен начин којшто е балкански. Македонија таму се споменува, ако тоа се смета за интересно, само на едно место и тоа како придавка – македонска салата. Но, многу ситуации кои таму се дадени потсетуваат, се разбира, и на одредени општествени околности, социјални прилики, во кои ние живееме и денес. Така што, иако е тоа претстава којашто се случува после не знам колку далечни години, таа сепак прозвучува како да ни се случува и денес“, вели Ристовски.

Инаку, „9-ка“ е еден од ретките македонски драмски текстови кои во последно време својата праизведба ја имал надвор од земјата, а Гоце Ристовски во меѓувреме го стокми и неговиот следбеник „Книгата на џинот – книга емохула“, за кој вели дека е „една друга балканска, македонска приказна“. Всушност, дека станува збор за еден обид преку нашите специфичности да дојдеме до некакви универзални вредности“. Да побараме, како што ќе рече авторот, „одговори на некои прашања коишто го мачат светот притоа посегајќи по сториите на неколку македонски семејства од антиката до денес, всушност завршувајќи со настаните што ни се случуваа во последно време“.

Кон ова само уште малку фактографија. Гоце Ристовски е новинар, писател, литературен и театарски критичар и декан на Факултетот за театарски уметности ЕФТТА Скопје-Париз-Есен-Ротердам. Автор е на книгите „Око, раска и видело“, „Траги“, „Шишков“, романите „Сè е гола вода, мој Ѓорѓија“, „Врамување во пустелија“ и „Претстава“. Тој е годинешен добитник на престижната меѓународна награда „Ерго сум“ што се доделува за особен придонес во театарската критика и теорија.