Родителско отсуство за сите

Марија Башевска и Тања Малеска од невладината организација Реактор

Македонија има нефлексибилен, неинклузивен и несоодветен систем за регулирање на родителското отсуство. Мора да се направат анализи на законите и политиките за породилно отсуство, а потоа и широки консултации со родителите и експертската јавност за да се направат сеопфатни реформи кои ќе им го олеснат животот на сите, пишуваат Марија Башевска и Тања Малеска од невладината организација Реактор, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Прашањето за регулирање на мајчинското, татковско и родителско отсуство неодамна повторно стана актуелно во јавноста, откако група граѓанки поднесоа предлог измени на Законот за работни односи со кои платеното породилното отсуство од 9 месеци би се удвоило на 18 месеци. За жал, како што често бидува кога станува збор за јавни политики кои се однесуваат на жените, предлог измените и јавната дебата која ја зачнаа, создадоа конфликт во кој повторно на спротивставените страни се најдоа жени против жени. Велиме повторно, зашто најстариот трик во книгата на патријархатот е поставувањето на жените едни против други, зашто така најлесно се спречува тие да се здружат против системот кој ги става во подредена положба и не е скроен според нивните потреби.

Нефлексибилен, неинклузивен и несоодветен систем за регулирање на родителското отсуство како заеднички непријател

Постојниот модел со кој се регулира родителското, т.е. де факто мајчинското отсуство датира од поранешниот југословенски систем и тој претрпува само ситни промени во последните две децении – промени кои несоодветно ги отсликуваат потребите на родителите и децата. Во моментов, македонското законодавство поставува дарежлива, но многу ригидна рамка: предвидува фиксно непрекинато отсуство од 9 месеци за мајките како носителки на правото (со единствен исклучок за мајки на близнаци, тројки итн, на кои им следува подолго отсуство) со надомест од 100 проценти од платата, за работнички (и работници) кои се во редовен работен однос. Дарежлива, зашто 9 месеци е подолго од просекот што го нудат другите држави, а надоместот од 100 проценти е реткост, но ригидна зашто не ги опфаќа сите родилки, ниту пак нуди посебни решенија за посебните случаи (како што се на пример посвојувањето на деца постари од една година, прематурно родени бебиња т.е. бебиња родени пред 37-мата гестациска недела итн). Дополнително, постојниот систем не предвидува посебно право на татковско отсуство, односно татковците можат да земат отсуство само во случај доколку мајката не го искористи правото на мајчинско отсуство.

Правото на заштита за време на мајчинство се гарантира само на жените кои работат под формални договори за вработување и тоа опфаќа само половина од жените што раѓаат. Така на пример, во 2014 биле родени 23.596 бебиња, а право на платено отсуство оствариле половина или 11.074. Тоа значи дека жените вработени во сивата економија (22.2%), земјоделие (17.5%) или во нетипични облици на работа немаат право на мајчинско отсуство, а оние кои се невработени не добиваат никаков паричен надоместок. Ваквиот систем диспропорционално негативно ги засега жените од малцинствата.

Понатаму, жените што од која било причина ќе изгубат работа додека се на мајчинско отсуство (на пример, истекување на договорот за вработување на определено време или стечај на работодавачот), го губат правото на паричен надоместок, како и доколку работодавачот не ги плаќа редовно придонесите за социјално и здравствено осигурување. Тоа се однесува и на 6,4 отсто од самовработените жени, како и на 12,3 отсто од неплатените семејни работници. Освен тоа, студијата што ја спроведе Реактор во 2015, за работните услови и рамнотежа помеѓу работниот и приватниот живот, укажува дека 25 проценти од жените на породилно отсуство не ги искористуваат сите 9 месеци.

Дополнителен исклучително важен аспект е достапноста и квалитетот на услуги за грижа на бебиња и деца на територијата на цела држава. Имено, како главен проблем кој го посочуваат жените кои ја поднесуваат иницијативата за зголемување на мајчинското отсуство се несоодветните услови во постојните градинки, а тоа е и една од главните причини поради која се бара продолжување на времетраењето на мајчинското отсуство. Но, она што е значајно да се нагласи во овој случај е дека дури и во ситуација кога би се зголемило мајчинското отсуство, проблемот со недостапноста и квалитетот на услугите во градинките останува нерешен, односно родителите и по истекот на зголеменото родителско отсуство повторно ќе се соочат со истиот проблем - немање на пристап и соодветен квалитет на услугите во градинките во кои ќе треба да ги остават своите деца. Оттука, државата е одговорна да обезбеди пристап и квалитетни услови во градинки и јасли на територијата на цела земја, во урбаните и во руралните средини, кои ќе бидат достапни за сите семејства. Ова преставува една од клучните мерки преку кои позитивно се влијае на рамнотежата помеѓу работниот и приватниот живот на жената, на подобрување на учеството на жените на пазарот на труд, но и на вкупната стапка на фертилитет на земјата (што секако не е обврска на жената, но е од интерес на државата). Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во 2015 година стапката на опфат на деца до шестгодишна возраст во детските градинки е 18,53 отсто. Дополнително, нашите истражувања покажуваат дека дури една третина од граѓаните (34 отсто) се изјасниле дека немаат можност да ги пратат своите деца во градинка зашто не постојат градинки во нивните населени места, додека дури 10 отсто од граѓаните посочуваат дека градинките се прескапи за нивниот буџет и не можат да си дозволат да ги пратат своите деца во градинка. Во оваа насока, кои било промени во моделот за родителско отсуство мораат да бидат проследени со сериозни реформи и инвестиции во социјалната инфраструктура, т.е. во обезбедување квалитетна и достапна грижа за деца, која ќе им овозможи на родителите безгрижно враќање на работа по родителското отсуство.

Нов модел кој ќе ги отслика потребите на сите, а не на малкутемина

Со ратификацијата на Конвенцијата 183 за заштита на мајчинството на Меѓународната организација на трудот во 2012 година, Македонија се обврза дека ќе спроведува периодичен преглед за соодветноста на системите за заштита, паричните надоместоци и опфатот на заштита во широка консултација со работниците, работодавачите и граѓанското општество. Македонија тоа досега го нема направено. Постојниот закон, како и предложените измени, не ги земаат предвид досегашните барања од страна на невладините организации, синдикатите и работодавачите и не ги адресира клучните недостатоци и проблеми. Затоа, она што прво мора да се направи е анализа на досегашното спроведување на законите и политиките за породилно отсуство, а потоа и широки консултации со родителите и експертската јавност. Само на тој начин ќе можат да се утврдат сите предизвици и потреби за сеопфатни реформи и секвенционирани политики кои ќе им го олеснат животот на сите, а не само на малкутемина.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.