Достапни линкови

Игрите на гладните


Јована Димушевска, волонтерка во Македонската платформа против сиромаштија.
Јована Димушевска, волонтерка во Македонската платформа против сиромаштија.

Во последно време ние младите станавме загрозен вид. Треба да си ги викнеме УНЕСКО да дојдат и да нè заштитат од истребување. Особено после 11-ти декември ако работите не се променат, пишува Јована Димушевска, волонтерка во Македонската платформа против сиромаштија, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Избори се ближат, за кого ли да се гласа? Кое е помалото од двете зла?

Подобро за тебе, подобро за твоето семејство, планови за живот, планови за мене, за тебе... Ако продолжи оваа луда железница од предизборни празни ветувања на која сме приморани да се возиме, ќе полудам. Кога ги гледам сите тие фино дотерани, сечени, лепени и монтирани видеа на лидерите и уште кога ќе ми се обратат со „подобра иднина за тебе“ се чувствувам дека навистина ме гледа во очи и ми се обраќа мене. Притоа, ми ја навредува интелигенцијата! Абе ме гледа во очи и ме лаже. Очекува да поверувам во нешто што не им е ни споредна точка на дневен ред. Ме лаже дека направиле работи што никој ни чул ни видел ни почувствувал дека се случиле. Ниту еден човек во Македонија со здрав разум и чиста свест не видел никаков аир последниве 10 години.

Јас ги гледам работите од страната на младите. Јас сум на страната на младите, на страната на девојките. И ќе коментирам како млад човек во нашево општество.

Во последно време ние младите станавме загрозен вид. Треба да си ги викнеме УНЕСКО да дојдат и да нè заштитат од истребување. Особено после 11-ти декември ако работите не се променат.

Фокусот ми е на програмите што имаат да ни ги понудат политичките партии. Си ги прочитав внимателно и едната и другата. И тоа топло би го препорачала на сите, особено на младите. За нас и за нашата иднина се работи. Мораме да почнеме да си ги носиме одлуките сами. Не смееме да си дозволиме да си го продадеме гласот за сендвич и сокче, празни ветувања, лажни вработувања, закани на сметка на безбедноста на најблиските.

Ни ја земавте младоста, секој еден проклет ден изминативе 10 години. Не ви давам ни ден повеќе!

Додека читав, слушав, барав на интернет, правев и споредба. Кој? Што? Како? Зошто? Кога? Едниве велат: гаранција за младите да се вработат во рок од 4 месеци по завршувањето на образованието. Другиве, пак , најважниот проект за младите: 150 нови кошаркарски терени. Нели, бидејќи направивме 100 фудбалски терени и неколку тениски терени, ни требаат и кошаркарски. Јас лично немам ништо против терените, напротив и МОЖЕБИ ќе беше се така фино и розово ако навистина младите и општо сите граѓани можат да ги користат. Наместо тоа, се измешаа математиките, па добар дел од сите тие терени биднаа приватна сопственост. Еве, извинете што не ме интересираат кошаркарските терени што сакате да ги направите. Ми треба ПРВО работа, па после и да се приватни, ќе си го платам влезот, без разлика во чија сопственост биднал теренот.

Друго што ми падна во очи беше поврзано со образованието. Крај на најголемиот стрес на основците – екстерното тестирање да се укине уште во оваа учебна година. Ја сум за. И онака е нон сенс. Кариерни центри (професионална ориентација) во средните училишта, квалитетни учебници и родово сензитивен јазик во истите. Враќање на автономијата на универзитетот. Наспроти, половина работно време (4 часа) вработување за студентите на државните и приватните универзитети, а компаниите ќе бидат ослободени од плаќање на задолжителните социјални придонеси. Well done! Уште еден закон/уште еден проект за искористување на младите, непочитување на нивниот труд и гласно истерување од татковината. И едно ново средно училиште во Аеродром.

Зголемување на минималната плата на 12.000 денари, наспроти тииииит. Па имаше нешто за пензиите, предвремено пензионирање, наспроти зголемување на пензиите за 10,25 отсто и задржување на постоечката старосна граница. Да не заборавиме кои ни се граѓани од прв ред и каде треба да ги полагаме сите надежи за иднината. Не ме сфаќајте погрешно, ја си ги сакам старците и стариците, преслатки се. И ми е мило за сè што имаат. За сите привилегии. И тоа им е многу заслужено. Што се не преживеале. Плус, да не се тие и нивните пензии, добар дел од Македонците нема ни до половина месец да можат да се прехрануваат. Ама дајте бе луѓе и ние младите сме тука, постоиме. Престанете да не апстрахирате!

И за крај црешичката на тортата. Од областа на семејното насилство и родово базираното насилство. Ратификација на Истанбулската конвенција од 2011, измени на законот за семејно и родово базирано насилство, центри за жени жртви на насилство, соработка со граѓанскиот сектор и невладините организации коишто работат во областа на превенција и заштита од семејно насилство. Кај другиве имаме обуки за превенција и спречување на семејно насилство со буџет од 2.000.000 денари и рок континуирно. Сумата од отприлика 32 илјади евра е предвидена за 4 години. Исто така, ќе отвораат и нов центар за згрижување и рехабилитација на жртвите на семејно насилство и жртвите на трговија со луѓе. Е сега, моментално во Македонија постојат 4 (не)функционални центри за жртви на семејно насилство и еден центар за жртви на трговија со луѓе. Она што ни е од огромна помош е отворање на уште еден центар, во случајов заеднички, којшто исто така е прашање колку ќе ги задоволи потребите на жртвите. Тоа беше сè што најдов од областа на семејното насилство и родовото засновано насилство. И да не заборавам да го истакнам најважниот момент во оваа област. На 25 ноември, 16 политички партии ја потпишаа Декларацијата за спречување и заштита од различни форми на насилство врз жените и семејното насилство. Со Декларацијата се обврзаа на ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и заштита од сите форми на насилство врз жената и домашното насилство која Македонија ја потпиша во јули 2011 година. Ама за да биде уште „повесела“ и онака „веселата“ состојба во Македонија по однос на ова прашање, двете најголеми владејачки партии (ВМРО И ДУИ) едноставно не се појавија. Незаинтересираност, негрижа за граѓанките не е во никој случај општеството во коешто сакам да живеам не само во следните 4 години, туку никогаш. Искрено, не бев видно изненадена од нивното неприсуство на потпишувањето на Декларацијата. незаинтересираноста на оваа политичка партија јасно се гледа и од нивната програма, а особено од нивните делувања во последните 4 години во однос на женските права.

Од областа на социјалната заштита, поддршка за самохраните родители, заедничко породилно/родителско отсуство во првите месеци во времетрање од 1 до 3 месеци. Ова се само дел од мерките за коишто ветуваат дека ќе се залагаат за нивно остварување. А мене, како девојка, како жена, како мајка во иднина, ми се важни и ми значат. Сепак, останува да видиме дали ќе имаат шанса и ако ја добијат дали правилно ќе ја искористат. Другиве ветуваат продолжување на породилното отсуство на МАЈКАТА и само мајката! За 4 месеци бидејќи тоа е многу важно. И тие 4 месеци се неплатени. Барем таква им беше изјавата и секако нови градинки.

Програмите се која помалку која повеќе достојна за хејтање, зависно од бројот на страни.

Е сега, не можам да се одјавам без да кажам дека сè што е погоре набројано, сите мерки и проекти ги најдов во програмите на политичките партии коишто можете да си ги најдете на нивните веб страни. Исто така, ова е мој и САМО МОЈ личен став и гледиште на состојбата што јас ја доживувам како реалност. Сепак, повторно би ве замолила сите, пред да го дадете својот глас БИДЕТЕ СВОИ. Пронајдете го она што ве засега и видете кои партии за што се залагаат.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG