Дилеми околу новото работно време за администрaцијата

Новото работно време кое го најави Владата за синдикатите е прифатливо. Но, дел од административците сметаат дека најпрвин е потребна широка дебата за оваа мерка. Според граѓаните, флексибилното работно време е поволно со цел вработените да можат да завршат некои дополнителни обврски.

Синдикатите ги пофалија мерките на Владата со кои од септември вработените во администрација ќе можат да одат на работа од 7 и 30 или од 8 и 30, но го избегнуваат изјаснувањето околу двосменското работење.

Објаснувајќи дека флексибилното работно време го побарале уште во 2006 година, кога претходната влада го воведе новото работно време, генералниот секретар на Синдикатот на работниците во административните органи, Трпе Деановски вели дека одлуката на Владата за флексибилно работно време во некои институции ќе им овозможи на работниците да поминат повеќе време со нивните семејства и додава дека поместувањето на почетокот на работното време ќе помогне во постигнување подобра организација на работното време.

„Македонија е во таква временска зона особено во зимскиот период, цело време се случува да стануваме во темница и да се враќаме од работа во темница, а ги немаме оние слободни часови да ги поминеме на сонце за поквалитетен и поздрав живот. Со почеток на работата во 7:30 вработените во приватниот сектор ќе можат да ги завршуваат работите во јавната управа и да не мораат да излегуваат да губат работни часови за завршување работи во јавната управа“, вели Деановски.

Освен флексибилното работно време, во одлуката на владата е вклучен и распоред во две смени. Дел од Синдикатите велат дека е потребно Владата да објасни кои работници ќе работат во две смени додека Деановски смета дека нивниот синдикат е засегнат во две институции - Управата за јавни приходи и Управата за водење матични книги

„Информациите што ние ги добивме од Министерството е дека ќе се воведува двосменско работење само на оние шалтерски услуги односно услугите што им се даваат на граѓаните за да им биде олеснет пристапот до овие институции. Нашите членови имаат средби и состаноци на ниво на синдикални организации и наредните денови ќе достават забелешки за овој начин на работа. Тие не се изготвени, но кога ќе бидат изготвени ќе се достават до Министерството за информатичко општество“, вели Деановски

Како што соопштија од Минстерството за информатичко општество, институциите што се опфатени со двосменското работење се Управата за јавни приходи, Управата за водење матични книги, МВР и Царинската управа. Но, според изјавите, се размислува и за воведување нови институции кои би работеле двосменски, а ако се согледа дека ова нема да биде коректно кон работниците постои и размислување за укинување или промена на двосменското работње

Од конфедерацијата на синдикални организации велат дека вработените се збунети од одлуката на Владата. Според Марјан Ристевски, со двосменското работно време, работникот го губи целиот ден.

„Се надевам дека околу таа тема ќе има поширока дебата и ќе се слушнат сите страни. Не ни е јасно како се планира тоа да се изведе. Дали еден ист работник ќе доаѓа или едни ќе работат прва, а други втора смена. Станува збор за пасошкото одделение, царината и локалната самоуправа и треба на граѓаните да им се олесни да добиваат документи, но не знаеме како ќе се изведе тоа. Рамислуваме дали е подобро да се работи секоја прва сабота“, вели Марјан Ристевски од Конфедерацијата на синдикални организации.

Лесно ќе се снајдеме со работното време, потребни се програми и проекти, велат некои граѓани кои ги анкетиравме и кои ја критикуваат администрацијата дека малку работи.

„Двосменското работење е добро за тие што треба да вадат пасоши, лични карти. За луѓето кои работат да може да завршат работа по 16 часот. За тие што ќе одат на работа не е добро Тие пак, ќе сакаат дома да бидат со семејствата попладне“.

„Да мислам дека е доста позитивен овој предлог за измена на Законот за јавна администрација и би било корисно за граѓаните двосменското работење. Треба да се спроведе барем како пилот проект да се види дали има корисни или негативни ефекти од тоа“.

„Работам во две смени и не сум почувствувала проблем како да си го искомбинирам времето, бидејќи сум во образование. Знам дека секој сака да работи прва смена да има слободен втор дел од денот, но можеби треба да се проба, да не биде трајно“.

„Како што читам по социјалните мрежи граѓаните се за. Можеби треба да се проба“, велат дел од анкетираните граѓани.

Деновиве е најавно дека од први септември дел од администрацијата во земјава ќе работи во две смени, за да им се излезе во пресрет на сите граѓани, а флексибилно работно време ќе има и за државната управа. Според најавите претходно се предвидени јавни дебати.