Стигнува ли ехото од Захаров до Уставниот суд и до македонскиот Парламент?

Новица Наков, блогер, истакнат член на македонската заедница за слободен софтвер. Фото: Петар Кајевски

Македонија и Русија се потписнички на Европската конвенција за човекови права и она што ја прекршува конвенцијата во Русија ја прекршува и во Македонија. Европскиот суд за човекови права во случајот Роман Захаров против Русија во однос на членот 8 од конвенцијата – приватност, едногласно пресуди дека руските закони за надзор над комуникациите се некомпатибилни со Европската конвенција за човекови права, а тие се слични со македонските, пишува блогерот Новица Наков во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Во март 2015 до Уставниот суд на Република Македонија доставена е иницијатива за уставноста на членовите на Законот за електронски комуникации кои што овозможуваат УБК „директно да ги следи комуникациите, самостојно и непречено, без разлика дали е издаден или не судски налог во согласност со Законот за следење на комуникациите“ (Извештај на Прибе). За таа иницијатива дури сега е поведена постапка (РСЕ, 21 јуни 2017).

И додека Уставниот суд размислува, а парламентарното мнозинство не презема измена на Законот за електронски комуникации (за чија измена е потребно само просто мнозинство), ние можеме да се потсетиме на пресудата на Европскиот суд за човекови права од случајот Роман Захаров против Русија која што е донесена во декември 2015 година. Пред да продолжиме со случајот, да се потсетиме и дека овој суд е истиот оној суд за кој во медиумите се чита дека пресудил против Македонија, најчесто за прекумерни казни за притвор или нехумано однесување кон затворени и притворени лица. За оние кои не се запознаени, Македонија е потписник на Европската конвенција за човекови права, која е меѓународниот договор што го создава судот, којшто пак се грижи за тоа договорните држави да не ја прекршуваат конвенцијата. Русија исто така е потписник на конвенцијата. Во принцип може да се каже дека она што ја прекршува конвенцијата во Русија ја прекршува и во Македонија.

Океј, што е Роман Захаров против Русија? Брзо пребарување на Википедија ќе ви каже дека тоа е „значаен случај“ во однос на членот 8 од конвенцијата – приватност. Во кратки црти Роман Захаров е уредник и издавач од Русија „кој во декември 2003 започнал судска постапка против наредбата бр. 70 од Државниот комитет за комуникации и информациски технологии. Наредбата барала телеком операторите да инсталираат опрема што дозволува, меѓу другото, директен пристап до мрежата без специфични барања до провајдерите“. (Извор: Zakharov v Russia: A refresher on how far Europe has come.)

Македонскиот Закон за електронски комуникации, т.е. делот од законот што е оспорен пред уставниот суд, меѓу другото, вели: „Операторите се должни на сопствен трошок да обезбедат и одржуваат опрема, соодветен интерфејс и да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до овластениот орган за следење на комуникации, со цел да се овозможи следењето на комуникациите во нивната мрежа, согласно со Законот за следење на комуникациите (ч. 175(2)).“

Извештајот на Прибе вели: „Дејствувајќи врз основа на Членовите 175 и 176 од Законот за електронски комуникации, секој од трите национални провајдери за телекомуникации ја екипираат УБК со потребните технички апарати, овозможувајќи ѝ да ги копира директно целите нивни оперативни центри. Како последица, од практична гледна точка, УБК може директно да ги следи комуникациите, самостојно и непречено, без разлика дали е издаден или не судски налог во согласност со Законот за следење на комуникациите. […] УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема која дозволува копирање на комуникацискиот сигнал. Во никакви околности УБК не треба да има практична способност за директно следење на комуникациите“.

Како пресуди Европскиот суд за човекови права во случајот Роман Захаров против Русија во однос на членот 8 од конвенцијата – приватност? Судот едногласно пресуди дека руските закони за надзор на комуникациите се некомпатибилни со Европската конвенција за човекови права, или просто речено судот пресуди во корист за Роман Захаров.

Поспецифично судот сметал дека „Захаров не требал да докаже ни дека е под ризик од тоа неговите комуникации да бидат следени. Всушност со тоа што домашниот систем не обезбедувал ефективен лек за лицето што сметало дека тој или таа е предмет на таен надзор, самото постоење на оспорениот закон претставувало мешање со правата кои Захаров ги има според членот 8“ и, дека „ризикот од систем за масовно тајно следење може да се користи за да ја поткопа и дури и уништи демократијата под велот дека ја штити“ (извор: Case of Roman Zakharov v. Russia: The Strasbourg follow up to the Luxembourg Court’s Schrems judgment).

Понатаму, судот ја разгледува и техничката можност за следењето и смета дека „систем што им овозможува на безбедносните служби и полицијата да имаат директен пристап до сите комуникации… ги поткопува кои било заштитни мерки кои ги има во системот за авторизација на следењето“ и, „дека полицијата и безбедносните служби можат да го заобиколат барањето да ја демонстрираат легалноста на следењето“ (извор: Lorna Woods: ECtHR case report and comment – Roman Zakharov v Russia (Grand Chamber)).

Во истиот текст Лорна Вудс заклучува дека, покрај рускиот на којшто директно се однесува, дека оваа пресуда покренува прашања за валидноста на други системи на масовно следење во однос на членот 8 од Европската конвенција за човекови права.

Накратко, се чини дека има многу сличности меѓу тоа како се спроведува надзор на комуникации во Русија и во Македонија, а рускиот начин не е во согласност со Европската конвенција за човекови права.

Останува прашњето дали оваа пресуда била разгледувана од страна на уставните судии тогаш кога била донесена, и ако да, тогаш зошто на судот му е потребно толку долго да ги увиди сличностите меѓу рускиот и македонскиот случај, па макар и да пресуди дека македонскиот случај опишан во поднесената иницијатива е различен поради причини што ќе ги најде за веродостојни во домашниот контекст. Секако, ова е прашање на кое не се надеваме дека ќе добиеме одговор.

Во меѓувреме, членовите од Законот на електронски комуникации што овозможуваат директно, самостојно и непречено следење на комуникации остануваат во сила, и, и покрај промената на власта во Македонија, УБК сѐ уште може да го прави тоа што го правеше и поради кое државата падна во големата политичка криза.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.