Камера во пенкало, бележани гласачки ливчиња, бугарски возови, партиски активисти кои ја бележат излезноста на граѓаните на избори се дел од стравовите на гласачите на денот на избори. Атмосферата на страв намерно ја создава и потхранува власта на микро ниво за да ги држи под контрола избирачите, а опозицијата придонесува кон оваа атмосфера со дел од партиските активности, покажува истражувањето Еврометар на Македонскиот центар за европско образование.
Една третина од граѓаните веруваат дека може да се провери како гласале, односно дека за секое гласачко ливче може да се дознае кој го заокружил. Љупчо Петковски од МЦЕО вели дека годинава 40 проценти од испитаниците одговориле дека власта има начин да дознае како гласал секој граѓанин, што е за 10 проценти помалку од пред две години. Причина за опаѓачкиот тренд на верувањето во конспиративни приказни што власта ги користи, е во бурниот двегодишен период во кој се започна со оспорување на практиките на власта, но се уште тој процент е висок, додава тој.
„Колку повеќе човек се спротивставува на власта, колку повеќе поединецот е опозиционер, не само во смисла на партиска опозиција, туку ги оспорува практиките на власта, нејзините норми, правила и начин на однесување, толку повеќе е уплашен. Приврзаниците на власта, пак, многу помалку веруваат во вакви приказни, дека може да се дознае сè, секој еден како гласал. Мислиме дека власта намерно ги засилува овие работи, за да некако тоа чуство за надзор, за контрола се зголеми, и на тој начин да се контролира теренот и тоа е многу голем проблем за тајноста на гласањето“, вели тој.
Во фокус групите на ова истражување, дел од испитаниците изјавиле дека во помалите средини стравот за кршење на тајноста на гласањето е голем затоа што партиски активисти во списоци заведуваат кој од нивниот огранок излегол да гласа. Дел од нив изјавиле и дека партиски активисти со автомобили ги земале од дома само за да гласаат како што им било наложено. Според истражувањето највисок процент на страв има во руралните и сиромашни средини, особено во Полошкиот крај, и кај оние испитаници кои посочиле дека ќе гласаат за ДУИ.
Повредата на тајноста на гласањето и како гласач и како службено лице е кривично дело, вели Диана Жупановска од МЦЕО.
„Она што е битно да се извлече како заклучок е дека не е возможно конкретно со име и презиме да се поврзе лице со гласачко ливче, освен ако не е дел од криминална шема, како што е сликање со телефон или бугарски воз, сè друго се претпоставки на власта или на партиите воопшто кој како гласал“, вели таа.
Според досегашната пракса, сомнежи за повреда на тајноста на гласање се отворени со читањето на глас на името на избирачот со цел партиските активисти да бележат во нивниот список, видео надзорот во училиштата каде што се одвиваат изборите, кој по протокол би требало да биде исклучен, пријавувањето на неписмено лице кое има потреба од помош при гласање, а нема кога треба да се потпише на списокот, потоа растот на бројот на заведени болни и немоќни лица од еден до друг избирачки круг, како и обележување со друг знак наместо круг на избирачкото ливче.
Петковски смета дека се потребни кампањи кои ќе одат во насока на пресретнување на таквите приказни кои се штетни за тајноста на гласањето. Стравот е најприсутен во најранливите категории на граѓани, кај најслабите социоекономски групи, особено верувањето во конспиративни приказни поврзани со гласањето.
„Можеби со микро-таргетирање треба да се разговара со тие групи да се намали тој страв. Но тоа е феномен кој не се менува преку ноќ. Мене ако ме прашате со еден збор со владеење на правото треба да бидат казнети тие што го предизвикуваат и казнети тие што го кршат правото на глас, и тогаш можеби луѓето ќе се охрабрат“, додава тој.