Поевтино е задолжувањето дома, отколку во странство

Домашните банки имаат вишок пари што нема каде да ги пласираат, каматите се пониски, а задолжувањето на домашниот пазар е поотпорно на промените на курсот на девизните пазари, велат економистите.

Во овој момент поисплатливо е задолжување на домашниот, отколку на странскиот пазар, велат експертите, откако министерот за финансии Драган Тевдовски пред околу две недели изјави дека размислува дали да се издаде еврообврзница за покривање на буџетскиот дефицит за догодина или тоа да се прави преку домашни задолжувања. Тој рече дека се прават пресметки на кој начин е поисплатливо, односно како државата ќе плати пониска камата.

Професор Томе Неновски вели дека поддржува повеќе задолжување дома, отколку во странство. Прво, поради тоа што домашните банките имаат вишок пари па на овој начин ќе има каде да ги пласираат, второ - каматите на домашниот пазар се пониски и трето – домашното задолжување во денари е поотпорно на промените на курсот на светските девизни пазари, вели Неновски.

„Мислам дека е многу, многу поисплатливо во овој период државата да се задолжува на домашниот пазар и дека со тоа корист ќе имаат и државата и банките и нивните коминтенти коишто ги вложиле своите средства кај нив“, вели тој.

Тевдовски рече дека во стопанството има околу 250 милиони евра замрзнати пари кои државата може да ги користи. Неновски вели дека сумата за која државата може да се задолжи на домашниот пазар го определуваат банките, односно дека тие си прават сопствени пресметки колку пари може да понудат, а да не се загрози нивната ликвидност.

Во прилог на домашно наспроти странско задолжување зборуваше и гувернерот на НБРМ, Димитар Богов. При презентирањето на Извештајот за работењето на Народната банка во 2016 година, пред Собраниската комисија за финансирање и буџет минатиот месец, тој рече дека сега е важно да се стабилизира јавниот долг и го советуваше министерот да се задолжува на домашниот пазар зашто има вишок пари.

„Во последните години ликвидноста кај банките е многу висока, тие нема каде да ги пласираат средствата и добро е во такви услови дури и повеќе да пласираат во домашни државни хартии од вредност. Јас истиот совет би го дал и до сегашниот министер за финансии дека банките имаат висока ликвидност, има простор за домашно задолжување, потребно е и странско задолжување, но треба да се прави некаков баланс“, рече пред неколку дена Богов.

Владата вчера се задолжи за 27,2 милиони евра, три милиони евра повеќе отколку што бараше, а денеска за враќање доспеваат 7,8 милиони евра, односно направен е нов долг од околу 20 милиони евра. Тевдовски објаснува дека се задолжуваат повеќе отколку што враќаат за да може да добијат пари за покривање на дефицитот по најмала камата.

Според последните податоци на Министерството за финансии, јавниот долг на крајот на март годинава бил 4,74 милијарди евра, односно 46 отсто од БДП-то. Од таа сума, 3,286 милијарди евра, односно речиси 32 отсто од БДП-то се надворешно задолжување.